1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молчењето не е злато

1 ноември 2009

Секоја втора жена во Македонија е жртва на психичко насилство во семејството, секоја петта на физичко, а секоја 10-та на сексуално насилство-покажуваат истражувањата на невладините организации што го третираат проблемот.

https://p.dw.com/p/KJjh
Фотографија: picture-alliance / dpa

Традицијата , стравот, срамот, или едноставно зависноста од сопругот, домот, децата, се најчестите причини или изговори кои жените ги даваат како оправдување за тоа зошто порано не го пријавиле семејното насилство, иако со години се наоѓале во вртлогот или пеколот на насилството. Со години трпат секакви малтретирања, изживувања, па и физички напади од сопрузите само поради надежта дека тој, сопругот, ќе се поправи, ќе стане подобар, ќе престане да ја тепа и малтретира..А такви, меѓу насилниците најчесто има многу малку.

„Секоја жена која е жртва на семејно насилство нека го пријави случајот, да не седи како што јас дојдов до овој степен. Знам дека во Македонија ги има многу затоа што се плашиме, а не треба да се плашиме. Никој не треба да се плаши“, вели една од жртвите кои во претходниот период минале низ голготата на семејното насилство. Кон неа сопругот дури насрнал и со нож, обидувајќи се да ја убие.

Symbolfoto Gewalt gegen Frauen
Секоја жртва треба да го пријави случајотФотографија: picture-alliance/ dpa

Овие жртви, кои во Македонија секоја година се бројат со илјадници, најчесто помош бараат од центрите за социјални работи и МВР.

„Најголем процент од жените кои доаѓаат тука се жени кои трпат долгогодишно насилство. Најголем дел од сопрузите се или алкокохолирачи, или душевно болни. Меѓутоа има и голем процент на такви кои заради транзицијата останале без работа, па и сиромаштијата и немањето средства придонесуваат за расправии меѓу нив, што потоа прераснува и во физичко насилство“, вели социјалниот работник Наташа Станојевиќ од Центарот за социјални работи во Скопје.

Форми на заштита

Центрите, но и невладините организации на жртвите им нудат разновидна заштита. Една од формите на помош се шелтер центрите или прифатилишта во кои тиеа имаат 24 часовна заштита, добиваат храна и медицинска нега, а честопати, кога е тоа потребно и помош на психолози и адвокати. Жените и децата, жртви на насилство во домот, во овие центри остануваат три месеци, а најмногу уште три. За тоа време течат и постапките пред судот за насилството на нивните сопрузи.

Правникот од Центарот за социјални работи Богдан Илиев, кој жртвите ги застапува пред судот, вели дека насилниците најчесто добиваат времени мерки забрана да им се доближат на жртвите на 100 метри оддалеченост, да продолжат да ги тепаат или да им се закнуваат, а поретко и да се отселат од станот, без разлика чија е сопственоста. Во последно време, вели тој, полека почнаа да паѓаат и затворски казни за насилниците.

„Казните кои ги изрекува судот во кривична постапка треба да бидат појаки и судиите треба да бидат поекспедитивни, итни, тие треба да бидат многу брзи, роковите за нив да бидат посебно издвоени или нагласени, бидејќи не вреди ако постапката трае со години, а насилството трае“, вели Илиев.

Жртвите се од сите социјални слоеви и со различно етничко потекло

Неколку години наназад, на овие жртви на насилство во домот најнужната помош им ја нудат и активистите од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Македонија. Низ нивните советувалишта во Скопје, Тетово и Штип веќе се минати неколку илјади жртви на семејно насилство.

Социјалниот работник Анета Петрушевска смета дека е огромен бројот на жени жртви на ваков тип насилство, од сите социјални групи, етничка припадност и возраст.

Symbolbild Gewalt gegen Frauen
Две најголеми причини за насилство во семејството - алкохолозмот и љубоморатаФотографија: picture-alliance / Lehtikuva

„Секоја втора жена е жртва на психичко насилство, секоја петта на физичко, а секоја десетта на сексуално насилство. Тоа се алармантни бројки за кои сметам, треба да се преземат уште поголеми чекори во однос на будењето на свеста за проблемот во нашето општество. Треба да се земе како сериозна појава за изнаоѓање повеќе решенија за нејзина превенција“, вели Петрушевска.

За неа, алкохолизмот и љубомората се двете најсилни причини за појавата на насилство врз жената, иако ништо помали не се ниту сиромаштијата или нерешеното станбено прашање. Комбинацијата од овие причини го прават животот на една жена неподнослив. Сепак, таа апелира до сите жени, но и државни институции, се‘ погласно и похрабро да го креваат гласот и да зборуваат против овој традиционален стереотип - жената да биде тепана, да молчи и на себе да ја презема вината за проблемите во домот.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска