1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монструозна бура му се заканува на источниот брег на САД

ЖА/дв/афп/дпа/ртре28 октомври 2012

Милиони луѓе на источниот брег на САД се подготвуваат за доаѓањето на ураганот „Сенди“, кој може да биде еден од најголемите последните децении. Можат да бидат засегнати повеќе од 50 милиони лица.

https://p.dw.com/p/16YKf
Фотографија: Reuters

За главниот град Вашингтон и повеќе сојузни држави, меѓу кои Њујорк и Мериленд, веќе е прогласена вонредна состојба поради природна непогода. Властите вршат подготовки поради бурата, авиокомпаниите стравуваат дека ќе мора да дојде до откажување на стотици летови преку Атлантикот и на источниот брег на САД, а на муштериите им нудат одлагање на резервациите.

Националниот центар за заштита од урагани од Мајами веќе издаде предупредување за источниот брег на Флорида.

Ураганот „Сенди“, огромна бура која доаѓа од Атлантскиот Океан, веќе го доби прекарот Монструм-бура.

Метеролозите наведуваат дека се работи за еден од најголемите досега забележани урагани и проценуваат дека неговиот ефект може да биде поголем дури и од минатогодишниот ураган „Ајрин“, па дури и од катастрофалното невреме во 1938. година, кое однесло стотици животи во околината на Њујорк.

Посебно загрижувачка е насоката на ураганот „Сенди“, кој се проценува дека ќе удри некаде во коридорот меѓу Вашингтон, Балтимор, Филаделфија и Њујорк, извонредно густо населена област, со десетици милиони жители. Ураганите најчесто го заобиколуваат овој дел на САД, и удираат подолу на југ, во Флорида, или на Карипскиот брег.

Hurrikan Sandy 2012 Kuba
Последиците од „Сенди“ на КубаФотографија: REUTERS

Во очекување на невремето, жителите на Вашингтон се подготвуваат за евакуација на изложените населени места по должината на заливот Чизпик. Во внатрешноста, се стравува од поројни дождови, од паѓање на дрва и особено од опасноста големи делови на Вашингтон со денови да останат без струја како што се случи при бурата „Дерехо“, која го погоди градот на 29 јуни. Граѓаните на Вашингтон ги прават последните подготовки, купуваат батерии, флаширана вода и сува и конзервирана храна.

Големите продавници како „Волмарт“ и „Костко“ деновиве до пладне остануваа без резерви на вода за пиење, додека купувачите изнесуваа по неколку пакети. Исчезнуваат и плинските боци, а во продавниците „Хоум Депо“ е воведено ограничување колку батерии и плински боци може да купи еден човек.

Во текот на бурата „Дерехо“, милион домаќинства во сојузните држави Мериленд и Вирџинија останаа без струја, некои од нив и до една недела по невремето. Бурата „Дерехо“ се случи среде топлотен бран, кога овој дел на САД беше зависен од електричната енергија за разладување. Оваа бура удри по само неколку часа од најавата.

Ураганот може да влијае и врз исходот на претседателксите избори во САД на 6. ноември - можно е многумина граѓани со право на глас да бидат одвратени да ја искористат можноста за предвремено гласање, а на ваквите гласови посебно сметаат демократите.

Jamaika Kingston Sturm Hurrikane Sandy
Ураганот опустоши и делови од ЈамајкаФотографија: Reuters

Претседателскиот кандидат Мит Ромни, кој за денеска (28.10) имаше предвидено митинзи во Вирџинија, ги откажа сите собири на источниот брег, за да ги ослободи локалните полициски и противпожарни екипи да се подготвуваат за ураганот.

Потпретседателот Бајден вчера имаше митинг во Линчбург во Вирџинија, но и тој и претседателот Барак Обама во следните денови ќе ги прекинат предизборните активности во засегнатите држави. Ураганот „Сенди“ претходно остави пустош во Карибите, загинаа најмалку 58 луѓе. Најтешко погодени беа Хаити, но и претходно Бахамските острови, Куба и Јамајка.