1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монтоја победник во Силверстоун, Фогт ја презеде жолтата маичка на Тур д’Франс

11 јули 2005
https://p.dw.com/p/Aekl
Нескриена радост по добивањето на жолтата маичка: Јенс Фогт
Нескриена радост по добивањето на жолтата маичка: Јенс ФогтФотографија: dpa

Големата награда на Велика Британија во автомобилизам формула еден ја освои колумбискиот возач Хан Пабло Монтоја од тимот на Мекларен Мерцедес. Иако имаше трета стартна позиција, тој појде извонредно, уште во самиот почеток се проби на чело и до крајот го задржа водството пред Шпанецот Фернандо Алонзо од тимот на Рено. Вистински јунак и овој пат, всушност, беше Финецот Кими Рајконен, тимски колега на Монтоја, кој го освои третото место. Поради промена на моторот Рајконен мораше да стартува од 12-тата, наместо од втората позиција што би му припаднала според времето постигнато на официјалниот тренинг. Светскиот првак Михаел Шумахер со болидот на Ферари и на трката во Силверстоун немаше никакви шанси за подобар пласман од оствареното шесто место.

На осум трки до крајот на првенството Алонзо води со 77 бодови, 26 повеќе од единствениот вистински конкурент Рајконен.

Фогт во водство, допрва претстои разврската

На велосипедската трка Тур д’Франс денеска возачите имаат ден за одмор. Вчера жолтата маичка ја презеде Германецот Јенс Фогт, член на данската екипа ЦСЦ. Во деветтата етапа, долга 171 километар и со шест ридски цели, тој го освои третото место, но тоа беше доволно за да го преземе водството во генералниот пласман.

Јенс Фогт и пред 4 години еден ден ја носеше жолтата маичка. „Што да кажам? Се разбира дека сум повеќе од среќен што работите се одвиваа толку добро за мене. Сега ќе видиме што ќе донесат другите 2 илјади километри, што уште ни претстојат“ – вели тој. Инаку, победник на етапата е Данецот Микаел Расмусен, која тој ја извози од почетокот до крајот осамен на првото место. Втор беше Французинот Кристоф Моро.

Драматична завршница имаше и саботната, осма етапа, во која во спринтот Германецот Андреас Кледен од тимот на Те-мобајл за само 9,6 милиметри заостана зад Холанѓанецот Питер Венинг.

„Имав чувство дека сепак јас сум понапред“ – рече Кледен. „Верував во мојот спринт и се надевав дека можам да го победам – беше тесно, но успеав“ – прокоментира победникот Венинг.

Фогт во жолтата маичка, но веројатно не за долго. Погледот на сите и натаму е насочен на дуелот меѓу Америнакецот Ленс Армстронг и германскиот ас Јан Улрих, кои вчера заостанаа 6,06 минути зад победникот. Во генералниот пласман Армстронг и натаму има една минута и 36 секунди предност пред Улрих, а во наредните ридски етапи низ Алпите – утре е првата од нив - ќе падне конечното решение. „Што се однесува до Улрих, точно е дека се надевавме на повеќе, посебно во првата етапа. Другите денови покажаа дека дека работата изгледа подобра, отколку што беше интерпретиран тој прв ден. Во екипата имаме многу добар морал и расположение. Отсекогаш велев дека ова нема да биде двобој Ленс против Јан. Другите од различни тимови досега покажаа дека не се дојдени на старт само за да бидат петти, осми или трети, туку дека ќе нападнат“ – оценува Лудвиг Олаф, портпарол на тимот Те-мобајл.

Германија повторно во врвот на женскиот тенис во светот

Женската тениска репрезентација на Германија по само една година се врати во светската група на Федерејшн-купот. Во решавачкиот меч германските тенисерки во Бол на островот Брач ја победија селекцијата на Хрватска со 4 спрема 1.

Од фудбалот:

Во саботата, точно на една година пред терминот на финалниот натпревар на наредното светско првенство чиј домаќин ќе биде Германија, на повеќе мини-игралишта околу олимпискиот стадион во Берлин се одржа „Долгата ноќ на фудбалот“, турнир во мал фудбал со учество на преку 500 екипи. Наредната година главниот германски град за време на светското првенство очекува околу 450 илјади гости од светот.

Германскиот фудбалски прволигаш Волфсбург се пласира за третото коло на Интертото-купот со победата над австрискиот претставник Штурм и тоа на гости во Грац со 3 спрема 1. Првиот натпревар во Волфсбург заврши нерешено 2 спрема 2. Во наредното коло противник на Волфсбург ќе биде шведскиот тим Гетеборг.

Во Интертото-купот второто коло донесе и македонско-германски дуел, со очекуван краен исход: Хамбургер и во реваншот ја совлада прилепска Победа со идентичен резултат како и во првата средба – 4 спрема 1. Занимливо е дека и на натпреварот што се одигра во Скопје прилепчани поведоа, а бродоломот уследи во вториот дел.