1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моралес конечно на пат за дома, без Сноуден

ЖА/дпа/ртре3 јули 2013

По околу 13 часа принуден престој во Виена, боливискиот претседател го продолжи авионскиот лет. Претходно повеќе европски земји не му дозволија прелет, сомневајќи се дека во авионот е екс-американскиот агент, Сноуден.

https://p.dw.com/p/191Hv
Фотографија: Reuters

Шпанската влада денеска дозволи прелет на авионот на претседателот на Боливија, Ево Моралес, преку територијата на Шпанија, на пат за Ла Паз. Одлуката на официјален Мадрид доаѓа откако претседателскиот авион на Моралес беше пренасочен кон Австрија, по решението на Франција и Португалија да го затворат својот воздушен простор за боливискиот авион. Двете земји се сомневаа дека во авионот на Моралес се крие поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден. Австриските власти денеска соопштија дека извршиле претрес на авионот на боливискиот претседател и во него не бил Сноуден. Претресот бил изведен со согласност на боливискиот претседател, кој пред новинарите изјави дека „бил земен во заложништво“, а земјите кои се одговорни за непланираното запирање направиле историска грешка, зашто тој не е е никаков криминалец, а не го ни познава Сноуден.

Овој поранешен ИТ техничар побегна минатиот месец во Хонг Конг откако обелодени дека безбедносните служби на САД ги контролираат телефонските и интернет комуникациите. Од 23 јуни Сноуден се наоѓа во транзит зоната на московскиот аеродром Шереметјево.

Во меѓувреме Сноуден побара азил во 21 земја, меѓу кои и Франција, Шпанија, Австрија и Боливија, но се одлучи да остане во Русија. Кога претседателот Владимир Путин побара, како услов за да му се додели азил да престане со своите антиамерикански активности, Сноуден ја повлече апликацијата за азил во Русија.

Боливискиот претседател Ево Моралес, кој беше во посета на Москва, претходно се согласи Боливија да му даде азил, како што тоа го понуди и Еквадор, но за да може да бара азил тој мора да дојде на територијата на овие земји или во некое нивно дипломатско претставништво.

Боливија гневно реагираше на третманот на европските земји кон нивниот претседател, па владата во Ла Паз побара итен состанок на јужноамериканските лидери.

Morales und Fischer PK Wien Flughafen 03.07.2013
Австрискиот претседател Хајнц Фишер лично беше на аеродромот во Виена да се увери дали со неговиот колега по функција, Моралес се постапува соодветноФотографија: Reuters

Асанж бара Европа да им се спротистави на САД

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж ги повика денеска европските земји да не потклекнат под притисокот на САД и да го прифатат поранешниот соработник на ЦИА и НСА, кој од американските власти е обвинет за шпионажа.

„Земјите од Европската унија, пред се‘ Франција и Германија би требало да му го посакаат своето најтопло добредојде, под каков било статус“, изјави Асанж.

Потсетувајќи дека ЕУ минатата година ја доби Нобеловата награда за мир, Асанж изјави дека „Европа мора да се носи со ситуацијата и да ја покаже својата подготвеност во одбрана на слободата на информирањето, без оглед на стравот од политички притисок од својот најдобар пријател - САД“.

Според Асанж, јавната вредност на информациите на Сноуден е потврдена со откривањето дека САД ги шпионирале европските дипломатски мисии и институции.

„Доколку овој млад човек се остави на меѓународната зона на московскиот аеродром, европските земји ќе ги напуштат своите принципи и дел од причините за своето постоење“, нагласи Асанж, кој и самиот беше цел на Вашингтон поради објавувањето на доверливи дипломатски депеши на САД. Тој се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон.