1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва е опуштена

Херман Краузе20 август 2008

Поради тоа што руските трупи и натаму имаат заземено стратешки позиции во Грузија, НАТО ги суспендираше редовните консултации со Русија. Москва не се возбудува.

https://p.dw.com/p/F1IG
НАТО тврди дека не може да има нормални односи со Русија се‘ додека нејзините трупи се во ГрузијаФотографија: AP / PD / DW

И покрај неколкуте најави, сеуште не може да се каже со сигурност дали и кога руските сили ќе се повлечат од Грузија. Рускиот претседател, Дмитри Медведев, вчеравечер во заедничката изјава со францускиот претседател, Никола Саркози, даде надеж дека по ова прашање би можело да дојде до напредок. Според ваквата најава, повлекувањето на руските сили би требало да заврши в петок. Од тоа повлекување ќе бидат исклучени само 500 војници, кои би требало да бидат дополнително обезбедување за јужно-осетиското население.

Услугите на Русија

Заклучокот на министрите за надворешни работи на НАТО да ја суспендираат соработката со Русија во рамките на Советот НАТО-Русија, специјалниот руски ополномоштеник за НАТО, Димитри Рогозин, го коментираше воздржано. Тој не гледа голем јаз меѓу Русија и НАТО: „Сметаме дека многу закани кои постојат имаат општ карактер, тие ги погаѓаат сите. Но, факт е дека НАТО води војна и тоа во Авганистан во полн обем, а во Ирак се САД и нивните сојузници. Последните информации од Авганистан се вознемирувачки. Но, што ќе прави НАТО во Авганистан без нас?“

Русија на членките на НАТО им овозможува бесплатен транспорт низ својата територија на невоени намирници, како храна, гориво или резервни делови. Доколку овој трансопорт биде прекинат, тоа би претставувал потенцијален проблем и за германските трупи. Околу можниот прием на Грузија во НАТО, Рогозин рече: „Дали западните политичари се согласни дека грузискиот претседател е човек кому не смее да му се пружи рака, дека под негово раководство Грузија не смее да биде примена во ниту една сериозна институција и дека тој би морал да биде изведен пред суд? Мислам не. Но, важно е дека западните политичари во своите глави сфатија со кого си имаат работа.“

Руската страна отфрла секаков вид преговори со Саакашвили. И во Грузија се множат гласовите кои бараат негова оставка. Од друга страна, во Москва првпат се јави за збор либералната опозиција. Таа остро ја критикува окупацијата на Грузија. Со ова, според либералите, руското раководство првпат по распадот на Советскиот сојуз, ја однесло земјата на работ на меѓународна изолација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема