1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва и Киев опстојуваат во намерата за потесна соработка

СН/бг/афп/дпа/ртр17 декември 2013

Украинскиот претседател Виктор Јанукович денеска во Москва оддржува средба со рускиот колега домаќин Владимир Путин. Украинската опозиција повика на демонстрации против оваа средба.

https://p.dw.com/p/1Aaqg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не осврнувајќи се на масовните прозападни протести во Киев, Русија и Украина опстојуваат на намерите за потесна меѓусебна соработка. Во таа насока претседателите на двете земји, Влдимир Путин и Виктор Јанукович имаат намера , за време на меѓувладините консултации денеска во Москва да потпишат повеќе договори. Јанукович се надева дека по минатомесечната одлука да и го заврти грбот на Европската Унија и да се насочи кон Русија, ќе добие итна финансиска помош како и попусти за руските испораки на гас, за да ја спаси Украина од банкрот.

Лидерот на украинската опозиција и претседател на партијата УДАР, Витали Кличко се закани со проширување на протестите, доколку Јанукович во Москва навистина потпише билатерални договори со Русија. Истовремено тој го повика идниот германски министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер да дојде во посредничка мисија во Киев. Кличко изрази надеж дека Штајнмаер ќе се заложи за слободата во Украина во иста мерка како неговиот претходник на функцијата Гидо Вестервеле.

Инаку министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ вчера (16.12) уште еднаш повторија дека Унијата е подготвена за историски партнерски договор со Украина, но дека сега „на потег е Киев“. Шефот на германската дипломатија Вестервеле истакна дека „сите имаат желба Украина да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ“ и дека „надежта сѐ уште постои“.