1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва и Пекинг во борба за централна Азија

Виталиј Волков/Б. Георгиевски22 март 2013

Суровините и енергетските наоѓалишта ја прават централна Азија привлечна за светското стопанство. Соседите, Кина и Русија на тоа подрачје имаат заеднички интереси, но во истовреме се и големи конкуренти.

https://p.dw.com/p/182ZQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Односите меѓу Кина и Русија се одбележани со соработка, но и конкурентност. Поради тоа, првата официјална посета на новиот кинески претседател Си Џинпинг на Москва (од 22 до 24 март) се очекува со неизвесност. Често се говори за стратешко пријателство на двете земји, но нивната соработка не се одвива без проблеми. Пред се‘ во енергетскиот сектор често доаѓа до различни мислења. Тоа најмногу се воочува во регионот на централна Азија, каде двете земји се натпреваруваат за моќ и влијание.

Германскиот експерт за централна Азија Гинтер Кнабе истакнува дека Кина и Русија на тоа подрачје никогаш не биле пријатели, и дека во иднина тоа уште помалку може да се очекува. „Имаат бројни заеднички интереси, привремено и временски ограничено. Но имаат многу повеќе точки во кои се остри конкуренти, можеби дури и непријатели“, објаснува Кнабе.

Кина во моментов има само еден интерес, вели тој, а тоа е сопствениот стопански развој кој треба да го обезбеди и владеењето на Комунистичката партија во таа земја.
„Затоа на Кина и‘ се потребни суровини и енергија, кои се обидува да ги обезбеди на секое место и со сите расположиви средства“, вели Кнабе. Тој додава дека централна Азија за Пекинг е како голема ризница полна со суровини и енергетски резерви. Русија, која и самата поседува бројни суровини, од друга страна се обидува да изгради свое политичко и воено влијание во тој регион, а од особена важност и‘ е контролата над важните транспортни патишта за своите енергенси, објаснува Кнабе.

14.02.2013 DW Quadriga Günter Knabe
Гинтер Кнабе

Заеднички интереси

Од друга страна, Андреј Грозин од рускиот институт за земјите од Заедницата на независни држави, не гледа некои поголем ривалитет меѓу двете земји. Тој тврди дека кинеските бизнис интереси не им стојат на патот на руските интереси. Изминатата деценија покажа дека стопанската експанзија на Кина во централна Азија се одвиваше на штета на западните, а не на руските фирми, вели Грозин. За разлика од кинеските, руските фирми не сакаат да црпат гас од Узбекистан или Туркменистан. Русија самата располага со огромни количества енергенси, а и на подрачјето на рударството Москва нема големи планови во централна Азија.

Viele Tote bei Selbstmordanschlag in Kabul
Кина и Русија се загрижени за безбедноста во АвганистанФотографија: MASSOUD HOSSAINI/AFP/Getty Images

На Москва и Пекинг сепак најголема грижа им претставува безбедносната состојба на подрачјето кое се граничи со Авганистан. Двете земји стравуваат дека улогата на исламистите, по повлекувањето на НАТО, ќе порасне, вели Гинтер Кнабе. Според него, во регионот расте улогата и на САД кои се повеќе се вртат кон Азија. „Тоа значи дека ќе расте конкуренцијата меѓу САД и Кина, а во одредени ситуации Кина и Русија би можеле и да се поддржуваат во заедничкиот настап против САД“, прогнозира Кнабе.

Тоа за рускиот експерт Грозин е сепак малку веројатна опција. Не може да се очекува дека Кина ќе седне во истиот чамец со Русија. „Кинезите ја преферираат формулата кооперација- како со Русија така и со САД“, вели Грозин.