1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва и Пекинг ја блокираат резолуцијата за Сирија

СН/БГ/ртр/афп/дпа/мф17 јули 2012

Русија и Кина продолжуваат да го блокираат донесувањето резолуција за Сирија во Советот за безбедност на ОН, соопштија дипломатски извори во светската организација.

https://p.dw.com/p/15YlK
Фотографија: picture-alliance/abaca

Иако во втората рунда преговори речиси сите земји застанаа зад нацрт-резолуцијата во чие составување учествуваше и Германија, Москва и Пекинг и натаму го отфрлаат предлогот.

Спорот е околу мандатот на набљудувачката мисија на ОН, УНСМИС, кој истекува во петок (20.07). Додека Русија сака тој да биде продолжен, составувачите на резолуцијата опстојуваат на санкции доколку мисијата не ја исполни својата задача за спроведување на мировниот план на специјалниот пратеник за Сирија на ОН, Кофи Анан.

Специјалниот пратеник Анан и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во моментов на одвоени преговори во Москва и во Пекинг се обидуваат да ги убедат двете земји со право на вето во Советот за безбедност на ОН да направат отстапки. Советот за безбедност најверојатно утре (18.07.2012) ќе одлучува за судбината на УНСМИС.

ЕУ подготвува нов пакет санкции

Дипломатски извори во Брисел пак, синоќа јавија дека Европската унија подготвува нови санкции за режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад коишто треба да бидат прифатени наредната недела.

Неделава, според истите извори на агенцијата, ќе почнат консултациите за нови личности и субјекти коишто ќе бидат опфатени со новите европски санкции за сириските власти. Исто така, можно е воведување и економски санкции. Последниот пакет санкции за Сирија, шеснаесетти од почетокот на конфликтот во март 2011 година, Европската унија го донесе кон крајот на јуни на состанокот на министрите за надворешни работи на состанокот во Луксембург.

Досега цел на санкциите се 129 сириски личности, меѓу кои и претседателот Башар ал-Асад, за коишто е издадена забрана за издавање визи за патување во земјите членки на Европската унија, како и за замрзнувањето на нивниот имот во европските држави. Под дејство на европските санкции, исто така, се и 49 компании и правни тела од Сирија.