1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва повторно на удар на терористи

24 јануари 2011

Најмалку 30 луѓе загинаа, а повеќе од 100 се повредени во самоубиствен бомбашки напад кој попладнево (24.01) се случи на најголемиот московски аеродром Домодедово. Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

https://p.dw.com/p/Quv9
Москва и нејзината околина се повторно мета на терористиФотографија: AP

Руските власти потврдија дека се работи за самоубиствен напад, откако претходните информации говореа дека нападот бил изведен со бомба во багажот на некој од патниците.

Досега никој не ја презема одговорноста за нападот, иако медиумите го поврзуваат со сличните акции изведени од кавкаските терористи во Русија во изминатите години. Во март ланската година, две жени од Дагестан се разнесоа во московското метро, убивајќи притоа 40 луѓе.

Според првичните информации, атентаторот го активирал експлозивот во салата за меѓународни пристигнувања. Очевидците велат дека сцените на местото на нападот биле ужасни, а на целиот аеродром завладеала огромна паника.

Кавкаските бунтовници- првоосомничени

Руските власти ги затворија аеродромите во Москва за меѓународни летови, а зајакната е безбедноста и во метрото и на улиците низ градот.

Русија со години води војна против исламските бунтовници во кавкаските региони, а нападите врз владините и полициските претставници во тамошните републики Дагестан и Чеченија се секојдневна појава. Бунтовниците во неколку наврати најавуваа дека ќе сторат се’ за да возвратат на операциите на руската армија во Москва и во другите поголеми градови.

Автор: БГ/ГЧ/афп/ројтерс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска