1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мотивација за учење на јазикот на „другиот“

1 ноември 2010

Како до внатрешна интеграција на етничките заедници во Македонија-тема на дебата во Штуловиот универзитет во Тетово по повод извештајот на ЕКРИ, комисијата за борба против расизам и нетолеранција на Советот на Европа.

https://p.dw.com/p/PvON
Тетово: како до интеграција без асимилацијаФотографија: Petar Stojanovski

„Многу големи етнички поделби во училиштата, етничка нетрпеливост и во општеството, затегнати односи меѓу Македонците и Албанците, но, само со мал број индивидуални случаи на меѓутнички судири“, ова се некои од најважните согледувања на Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста – ЕКРИ при Советот на Европа, содржани во нејзиниот четврт извештај за Македонија. Комисијата ЕКРИ е воспоставена од Советот на Европа како незвиснo тело за набљудување во областа на човековите права. Со извештајот е опфатена ситуацијата во земјата заклучно со 18 декември 2009 година. Тој извештај беше тема на експертската дебата на Штуловиот универзитет во Тетово. Според согледувањата на комисијата, „загрижувачка е тенденцијата што Македонија се‘ уште нема потпишано и ратификувано некои значајни меѓународни инструменти како Европската повелба за регионални и малцински јазици“. Ним ЕКРИ им придава големо значење.

„Учењето на јазикот е двонасочен процес и за мнозинството и за малцинството“

Стефанос Ставрос, извршниот секретар на ЕКРИ - комисијата, изложува една од нејзините клучни препораки, наведени во споменатиот извештај: „Јазикот треба да биде сфатен како средство за интеграција во општеството, а не како средство за културна доминација на мнозинството врз малцинството.“

Тој дополнува: „Сигурно, малцинството треба да биде способно да комуницира на официјалниот јазик на државата. Но, учењето и знаењето на јазиците е двонасочен процес и за мнозинството и за малцинството“.

Universität Stul in Mazedonien
Од дебатата на Штуловиот универзитет во ТетовоФотографија: DW/Toevski

Во одделни средини во земјата албанското население ја одбива и најновата стратегија за учење на јазиците, со барање и македонските ученици да го изучуваат задолжително албанскиот јазик, како што тоа се налага за албанските ученици за македонскиот јазик. Го прашавме Ставрос: дали ЕКРИ – комисијата препорачува заемна, реципрочна задолжителност во учењето на двата јазика?

„Охрабрувања, а не обврзаност и должности“

Извршниот секретар на ова тело на Советот на Европа одговара: „Многу е тешко да се зборува за обврзаност и должности на ова поле, подобро е да се зборува за охрабрување“.

Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, една од учесничките во расправата, во одговорот на ова прашање го изразува следниот став: „Досега јас не сум сретнала таква реципрочност. Во животот сум сакала и сум била навикната да учам многу јазици, но, не прифаќам таква реципрочност: директно, ако јас учам македонски и ти треба да учиш албански, јас ако учам албански и ти треба да учиш македонски. Сето тоа треба да се остави и да се имаат предвид принципите на меѓународната заедница."

Шпенд Имери од невладината организација „Асоцијација за демократски развој“ од Гостивар, смета: „Јас не би тргнал така: ако нема реципрочност, нема да се учи. Ако имаме проблем меѓу етничките заедници, тогаш тие треба да се седнат на маса и да се договорат како натаму, какви програми и проекти треба да спроведуваме, за да се надмине таа етничка поделеност во Република Македонија."

Тој надополнува: „Не со ставање готови решенија на маса, туку на програми и проекти, кои ќе дојдат „од долу“, од самите етнички заедници, од граѓаните. Проблемите не можеме да ги надминеме со ставање готови решенија од владата, или парламентот."

Очигледно, јазикот, поточно, јазиците и меѓуетничката комуникација во Македонија се голем камен на сопнување во односите, посебно меѓу Македонците и Албанците, видено и од аголот на експертите – составувачи на извештајот на ЕКРИ комисијата. Токму затоа побаравме дополнителни мислења и од уште двајца експерти, релевантни за оваа проблематика.

Внатрешна мотивација на целото општество за учење на јазиците на другите

Арафат Шабани, професор на студиите за мултикултурализам и меѓуетничка комуникација на Факултетот за јазици, култури и комуникации на Штуловиот универзитет во Тетово, истакнува: „Јазикот на ’другиот’ не се учи со наметнување кој треба да го прави тоа: дали Албанците да го учат македонскиот јазик, дали Македонците албанскиот јазик, кој јазик, пак, Турците и слично. Притоа, мислам на јазикот на ’другиот’ во таа средина, каде што доминираат јазиците, без разлика. Имаме средини во кои доминира македонската популација, средини каде што е побројно турското население и средини каде што е доминантна албанската популација. Затоа, ’другиот’ се перцепира различно од средина до средина. Што значи, секој треба да го знае јазикот на ’другиот’ во таа средина.“

Шабани дополнува: „Проблемот е во мотивацијата: ако сакаме да се учи јазик, треба да се работи на внатрешната мотивација не само на учениците, туку и на нивните родители, поточно на целото општество. Кога целото општество ќе биде мотивирано за тоа, кога ќе ја согледува придобивката од учењето на јазикот на ’другиот’, тогаш нема да има проблеми. Тогаш само ќе се дискутира со кои техники и методи, со каква методологија да се спроведува тоа најсоодветно."

Илија Ацески, професор во Социолошкиот институт на Филозофскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, нагласува дека „Македонија не е ниту бинационална, ниту мултинационална, туку мултикултурна држава, во која постои само еден државен јазик – македонскиот“ и истакнува: „Употребата на јазикот има инструментална смисла, како средство за комуникација, и втора смисла кога говориме за јазикот на ниво на држава. Едно е јазикот во оној сегмент за разбирање меѓу луѓето, на обичното, секојдневно рамниште. Меѓутоа, оној момент кога јазикот станува средство за комуникација на државно ниво, кога тој ја претставува државата, тогаш тука мора да се разграничи јасно што е двојазичност, што е службен, а што државен јазик."

Tetovo, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Тој се надоврзува кон ова: „Кај еден дел од албанската популација, особено кај албанската интелигенција и политичарите, се има впечаток дека албанскиот јазик е рамноправен со македонскиот во овој сегмент, кога станува збор за државата. Тоа не е точно, бидејќи не постои во документите, во актите, во нормите дека е тоа така. Во овој поглед Македонија мора да го брани својот унитарен карактер, но, треба да се обидува, да настојува и другите јазици да ги направи порамноправни во употребата на сите рамништа."

Како да се постигне тогаш македонскиот модел на внатрешна интеграција во мултиетничкото општество, кој највисоките раководители на оваа држава деновиве и во Стразбур го оквалификуваат како „интеграција без асимилација“? Каква да биде јазичната политика и соодносот меѓу јазиците?

Младите личности да научат да живеат едни покрај други

Професорот Шабани истакнува: „Мултикултурализмот не се гради преку политика, никако на таков начин, туку преку вградување ставови и вредности за долгорочен живот едни покрај други, што се прави единствено преку образовниот систем. Во тој образовен систем сега постојат етнички и јазичен паралелизам, етнички раздвоени смени, непознавање на јазикот на ’другиот’. Сето тоа мора да се надмине со заеднички воннаставни активности, низ учење на јазиците на ’другите’, со целосна ревизија на учебниците по историја, со ревизија и на сите други учебници, од кои ќе се исфрлат сите етнички стереотипи. Главниот постулат на мултикултурализмот е антиасимилацијата, што значи интегрирање во општеството заради општо добро: ’каде што јас ќе имам нешто добро од тебе и каде што ти ќе имаш, исто така, нешто добро од мене, а ние на креативен начин ќе креираме нешто заедничко, нешто трето.“

Елена Андреевска, професорка по евроинтеграции на Штуловиот универзитет посочува на уште една од клучните препораки, кои и‘ ги имаше упатено Европската комисија за борба против расизмот и нетолеранцијата на македонската влада: „ Македонија треба да ја зајакне повеќејазичната настава на сите нивоа на образовниот систем. Образовниот систем да биде на повеќе јазици – да, меѓутоа, учениците да бидат заедно, заедно да учат. Примерот на Универзитетот на Југоисточна Европа е она што тие го бараат: на оваа високошколска институција имаме студенти од различни етнички заедници, но таа уште од стартот е регистрирана како универзитет, на кој трите јазици се рамноправни – албанскиот, македонскиот и англискиот. Студентите учат заедно, во ист простор, со исто работно време, со исти тајминзи. Не учат во посебни групи."

Значи, оваа комисија во својот извештај нагласката ја става на градењето образовен модел со развивање заеднички и предучилишни активности, кои ќе ги доведат децата од сите јазични и етнички средини да се среќаваат, да се мешаат и да дејствуваат заеднички. Се препорачува и „фаворизирање на педагогијата, која го промовира критичкиот дух на учениците, што ќе им ги даде потребните инструменти, за да реагираат на стереотипите, предрасудите и нетрпеливоста". Четвртиот извештај беше објавен уште во април годинава, но со оглед на и натаму непрекинатите етнички поларизации и тензии во образованието и општеството, сите препораки на ЕКРИ - комисијата задобиваат од ден на ден се‘ поголема важност македонската влада да ги операционализира практично во праксата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска