1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мохамед Ел Барадеи и ИАЕА добитници на Нобеловата награда за мир

7 октомври 2005

Меѓународната Агенција за атомска енергија со седиште во Виена и нејзиниот прв човек Мохамед Ел Барадеи се годинешните носители на Нобеловата награда за мир. Заложбите за мирен и просперитетен свет без нуклеарно оружје, за што агенцијата и нејзините први луѓе се залагаат веќе 48 години беа главната причина комитетот во Осло, Норвешка во конкуренција на 199 кандидати да донесе ваква одлука

https://p.dw.com/p/AcCD
Мохамед Ел Барадеи
Мохамед Ел БарадеиФотографија: dpa - Bildfunk

„Норвешкиот нобелов комитет одлучи нобеловата награда за мир за 2005 година да биде поделена на два еднакви дела, помеѓу меѓународната агенција за атомска енергија и нејзиниот директор Мохамед Ел Барадеи. Признанието им се доделува за нивните напори за спречување на користење на нуклеарната енергија во воени цели, односно осигурување дека таа на најбезбеден начин се користи во мирољубиви цели„ изјави Оле Данболт претседавачот со норвешкиот комитет за нобелови награди, кој го соопшти името на овогодинешниот носител на големото признание

Меѓународната агенција чие седиште се наоѓа во Виена е формирана пред 48 години, во 1957. Политиката на агенцијата преставува еден глобален пакт против ширењето на атомското оружје, за што во 1970 година беше потпишан договор. По откривањето на ирачката атомска програма во 1991 година, и војната во заливот агенцијата инвестираше во нова технологија. Еден од посериозните предизвици и проблеми беше оној со нуклеарната програма на Северна Кореа, која пред неполн месец се согласи да се откаже од атомскиот арсенал со кој располага. На оваа одлука и претходеа мачни преговори имајќи во предвид дека Пјонгјан на 31 Декември 2002 се повлече од шестпартитните преговори.

Последниве две ипол години агенцијата, интензивно се занимава и со прашањето со нуклеарната програма на Иран, за која досега нема пронајдено докази дека Техеран ја користи за производство на атомско оружје.

Веста за наградата која тежи 1,1 милион евра 62 годишниот Ел Барадеи, ја дознал преку ТВ екраните. На средбата со новинарите во Виена тој изјави:

„Трогнат сум и почестен од признанието за работата на меѓународните атомски власти. Наградата ја признава опасноста со која денеска сме опкружени. Комитетот согледа дека оваа опасност и другите можат да се победат само со соработка„

Неодамна во едно интервју тој зборуваше за неговата работа;

„ Јас сеуште ја сакам мојата работа бидејќи таа е предизвикувачка, многу е стресна и напорна, но мислам дека вреди кога заедно со моите колеги даваме придонес за побезбеден и попросперитетен свет. Тогаш си одам дома и спијам со чувство на задоволство„ рече Ел Барадеи кој и покрај противењата на Вашингтон пред се околу разликите во однос на атомската програма на Ирак и Иран годинава по трет пат доби поддршка за нов четиригодишен мамндат на функцијата.