1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта на логиката на саможртвување

Маркус Симанк/ Симе Недевски20 август 2013

Без разлика што египетската војска не ги штеди демонстрантите, Муслиманските браќа не се откажуваат од протестите. Тие играат на картата- жртви и се обидуваат да го придобијат населението во Египет за своите цели.

https://p.dw.com/p/19SjV
Фотографија: Reuters

„Во Алжирската војна загинаа 100.000 луѓе. Подготвени сме да платиме иста цена“, вели еден млад исламист, кој наместо густа брада и мустаќи има само влакненца над устата. „Коранот е нашиот Устав, а џихад- нашиот пат. Смрт за Богa е возвишена цел“, вели тој.
Египќаните минуваат низ најкрвавите денови во поновата историја на земјата. Од минатата среда наваму загинаа повеќе од 1.000 луѓе. Поголемиот број од жртвите се членови на Муслиманските браќа. Сепак, симпатизерите на поранешниот претседател Мохамед Мурси не се откажуваат. Тоа што речиси комплетното раководство на движењето се наоѓа зад решетки, не игра никаква улога. Времето кое изминатите децении го поминаа во илегала ги направија посилни.

Свесно изложување на смрт

Тоа го прикажуваат и сликите на улиците. По отворањето оган од страна на војската, сите бегаат на разни страни. Еден човек паѓа на земја. Десетина други притрчуваат и се обидуваат да го извлечат на сигурно, иако и самите ризикуваат да бидат погодени. Еден постар човек кој се вика Шариф вели: „Излеговме сите на улица, но не знаеме дали живи ќе се вратиме дома. Не се ни грижам за тоа, поголемиот број од луѓето не се грижи.“ Тој вели оти студирал во Америка, дека работи како лекар и заработува добро. Меѓутоа, без слобода, тоа не му значи ништо.
Со демонстративен презир да се гледа на смртта стана еден од заштитните знаци на Муслиманските браќа. Крвта на „мачениците“ убиени на улица ја сметаат за гориво кое го одржува нивниот револт во движењето. И познати членови на организацијата се меѓу жртвите. Изминатите денови загинаа синот на Мохамед Бади, лидер на движењето, како и ќерката на високиот функционер во движењето Мохамед Белтаги.

Ägypten Auseinandersetzung um al-Fath Moschee 17.8.2013
Фотографија: Reuters

Пропагандна војна

Муслиманските браќа сметаат дека со улогата на жртви ќе ги вратат повторно симпатиите кај народот, изгубени за време на катастрофалната година во која беа на власт. Тие не го прикажуваат тоа како конфликт на политичка група со државата, туку како второ востание на египетскиот народ. Организаторите на демонстрациите затоа избегнуваат во изјавите воопшто да ги споменат Муслиманските браќа и зборуваат за „алијанса против воениот удар“.
Тоа мислење го дели и Шариф: „Можете да не‘ квалификувате како луѓе од политичкиот центар, во секој случај не сакаме да молчиме. Не се работи тука за Мурси, ни за Муслиманските браќа. Се работи за тоа дали може да се живее слободно во сопствената земја или дали ќе се однесуваат кон нас како со кучиња. Многу луѓе велат: подобро да умрам на улица отколку во затвор.“
Сепак, за сега има малку предзнаци дека демонстрантите ќе наидат на масовна јавна подршка. Армијата одамна ги затвори сите ТВ-станици на исламистите, а државните медиуми ги преплави со својата националистичка пропаганда.

Насилството не може да се оправда со ништо“

Само поединечно, ним им се приклучуваат луѓе кои не припаѓаат на Муслиманските браќа. Ибрахим е студент, левичар и во потполност се спротиставува на политиката на Муслиманскуте браќа. Сепак, и тој им се приклучи на демонстрантите. Тој сака да спречи Египет повторно да стане земја на воена диктатура. „Убиствата на стотина демонстранти не можат да се оправдаат со ништо“, вели тој.
Во владата во Каиро се видливи првите пукнатини. Потпретседателот и добитник на Нобелова награда за мир Мохамед ел-Барадеи поднесе оставка веднаш по првиот голем масакар минатата недела. Нему му се придружи и портпаролот на Националниот фронт за спас, најсилниот секуларен сојуз. Повеќе министри гласно размислуваат за оставка. Тврдокорните во владата сепак не се откажуваат од досегашната политика. Владата во Каиро очигледно ја разгледува опцијата во потполност да го забрани дејствувањето на Мусиманските браќа.

Ägypten Auseinandersetzung um al-Fath Moschee 17.8.2013
Фотографија: Reuters