1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ доби нов грб и додавка на името

13 ноември 2009

Со повеќе уставни амандмани МПЦ претрпе повеќе промени, од кои најзначајна е додавката во името. Од синоќа најголемиот број верници во Македонија се припадници на Македонската православна црква–Охридска Архиeпископија.

https://p.dw.com/p/KVlo
Фотографија: DW

Делегатите на Црковно-народниот собор што заврши синоќа (12.11.2009) едногласно ја донесоа резолуцијата со која црквата добива нов грб и го заокружува своето име со терминот Охридска архиепископија.

„Ние никогаш во нашата историја не сме се откажале од Охридска архиепископија. Уште во 1943 година, кога се одржа првиот собир на свештеници во Издеглавје, тој се декларира за обновување на Охридска архиепископија“, изјави Владиката Тимотеј, портпарол на Светиот синод.

Реакциите на верниците се различни

Реакциите на верниците се движат од едната крајност - дека МПЦ со овој чин прави вовед во промена на името на државата, до објаснувањето дека МПЦ со додавката си обезбедува подобра позиција во православието. Црковните аналитичари, пак, не гледаат штета од потегот на црквата, ниту пак некоја позначајна придобивка. Даниел Димевски, магистер по црковни прашања смета дека промените во црквата се случуваат во чувствителен момент.

Frau in der orthodoxen Kirche in Mazedonien
Верниците реагираат различноФотографија: Petr Stojanovski

„Моментот не е најсреќно избран бидејќи кореспондира со други битни политички случувања, но во принцип не гледам ништо лошо во таквата одлука“, вели Димевски.

Според него, црквата не треба да се надева дека со заокружувањето на името ќе го реши проблемот со кој се соочува во православието - непризнавањето од страна на сестринските цркви.

„Ако сметаме дека како сурогат ќе може да го замени основното име во комуникација со други цркви, не сме ја постигнале целта“, вели Димевски.

Црковно-народниот собор траеше цел ден. Почна со литургија, следуваше свечен дел, а заврши со дебата на 70 делегати која беше затворена за јавноста. Во воведното излагање поглаварот на МПЦ г. г. Стефан постети на сите кризи низ кои во последно време мина Македонската православна црква. На новиот грб е црквата Света Софија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема