1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ му го забрани Фејсбук на свештенството

БГ/макфакс/дв25 октомври 2013

Синодот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија донесе одлука за забрана за користење на социјалната мрежа Фејсбук меѓу свештенството, монаштвото и владиците, објави весникот „Нова Македонија“.

https://p.dw.com/p/1A6L3

Весникот наведува дека решението во писмена форма било доставено до великодостојниците, а на него бил наведен и рок до кога треба да се исклучат од социјалната мрежа.

„ Црковни извори, пак, истакнуваат дека ограничувањето треба да важи особено за оние што изминативе месеци искажувале лични ставови на Фејсбук и коментирале за политичките состојби во државата“, пишува весникот.

Предлагач на одлуката бил владиката Петар, што, како што наведува весникот, создало недоразбирања и превирања меѓу повозрасните, кои воопшто не го користат интернетот во комуникацијата со верниците, и меѓу помладите владици, кои секојдневно, особено преку мобилните телефони, се присутни на социјалните мрежи.

Засега, нема официјална потврда на одлуката од надлежните во МПЦ. Портпаролот на МПЦ, Тимотеј за некои македонски медиуми изјави дека се работи за препорака која ќе се спроведува согласно договорот во секоја епархија поединечно.

Во светот постојат различни примери за односот на црквите кон социјалните мрежи. Руската православна црква неодамна донесе слична одлука, со која му забрани на свештенството да комуницира преку Фејсбук. На друга страна, Ватикан одамна ги користи социјалните мрежи, а свој профил на Твитер имаше и претходниот папа Бенедикт.