1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ не може и не треба да отстапува од своето право

7 јануари 2010

Интервју со поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан за улогата на МПЦ во сегашниот момент и спорот околу нејзиното признавање со СПЦ.

https://p.dw.com/p/LMw3
Поглаварот на МПЦ, г.г. СтефанФотографија: DW/Stojanovski

Ваше Блаженство, во овие празнични мигови, каква утеха може да им понуди црквата на граѓаните кои живеат во време на морална ерозија и криза што ги има зафатено сите пори на македонското општество?

Архиепископ г.г. Стефан: Јас прво би сакал да ги поздравам слушателите на радио Дојче веле и да им посакам честити празници. Ја користам можноста да испратам честитки по повод новото лето Господово и да им посакам на сите многу добрини од господа, година со добро здравје во семејствата и успех на работните места.

Црквата и во оваа пригода ќе препорача трпение, ќе посака во душите и срцата на сите наши луѓе повеќе надеж и верба во себе, зашто овој наш народ живеел и потешки времиња во секој поглед, и на еконосмки план и преживеал многу ропства. Но, Вие ја спомнавте духовната криза. Јас верувам во капацитетот на македонскиот народ во таа духовна страна, ќе се изнајдат сили да излеземе и од овие матнежи што надвиснале над македонскиот човек. Многумина велат дека економската криза е резултат на духовната, некои тоа го толкуваат обратно, јас би рекол дека кај нас заедно одат и двете кризи. Тоа што можам да го порачам како поглавар на МПЦ е: како македонски народ, без разлика каде живееме, да живееме со верба и со вера дека и ова ќе го надживееме. Нашата историја забележала и потешки времиња, затоа ќе посакам да градиме поголемо единство меѓу себе, да градиме поголема приврзаност и да наликуваме на народ кој е едно семејство, без оглед на колку континенти живее.

Ако се согласувате дека патот до рамноправнот во православието води преку црковен Белград, што нуди МПЦ како остапка до можниот консензус со Српската црква?

Архиепископ г.г. Стефан: Македонската православна црква не може и не треба да отстапува пред никого, па ниту пред црквовен Белград, затоа што ниту една црква која порано постоела, па потоа се возобновила, не живеела како што живееме ние повеќе од пет децении, живот блокиран од сите страни. Би рекол дека тоа е неправедност кон нас. МПЦ не би требало да отстапи, затоа што она што го бара го имала нејзината вековна црква на овие простори, Охридската архиепископија, како афтокефална црква. МПЦ не треба да отстапи затоа што не бара ништо повеќе од она што некогаш го побарала Бугарската патријаршија, за да се обнови Трновската патријаршија или она што го побарала Српската црква за да се обнови Пеќката архиепископија. МПЦ конечно не бара ништо повеќе од она што пред деценија или нешто повеќе го побара Албанската црква, која се обнови на некогашната Албанска црква. Меѓу православните цркви мора конечно да се сфати македонската вистина-дека ние бараме оправдана самостојност за македонската црква и затоа пред никого ниту можеме ниту треба да отстапиме.

Очекувате ли по изборот на нов поглавар на СПЦ да се интензивира и забрза потрагата по решение на долгогодишниот спор?


Архиепископ г.г. Стефан: Прво, мислам дека новоизбраниот патријарх на СПЦ еден извесен период ќе им посвети на внатрешните потреби на Српската црква, а потоа секако и на останатите православни цркви и ќе најде време и за прашањата кои со децении се отворени меѓу МПЦ и СПЦ. Веќе е закажан изборот за 22 јануари, на 24 ќе биде неговото востоличување, а потоа се надевам и верувам дека работите ќе продолжат во посакуваниот правец на разрешување на прашањето.

Стравувате ли дека откако стана јасно дека проектот Јован е неуспешен, неговите покровители ќе се обидат да испровоцираат нова посериозна внатрешна криза во редовите на МПЦ?


Архиепископ г.г. Стефан: Не би сакал да го коментирам случајот со Вранишковски, но ќе повторам дека сите се свесни дека тоа е неуспешен обид да се разреши црковното прашање. Верувам дека било какви обиди на внатрешен план во МПЦ не се ни можни, ниту би имале поинаков крај од овој што го доживеа споменатиот некогашен архиереј.

Во една пригода рековте дека некому му требале „Изгрев“ и зајдисонце за да и‘ наштети на црквата. Кој е тој непријател на раководството на МПЦ?

Архиепископ г.г. Стефан: Не би сакал да коментирам нешто што се‘ уште трае како судски процес, но за оние кои сакаат сериозно да му пристапат на проблемот со хотелот „Изгрев“ и манастирскиот имот во Калиште, повеќе од јасно е дека ниту МПЦ ниту Архиепископот г.г. Стефан се најмалку вклучени во она, кое подолго време беше истакнувано во некои медиуми, дека се злоупотребени тие објекти за перење пари, кредити, итн. Ако некој тоа постојано го истакнува во медиумите, повеќе од очигледно е дека некој со „Изгрев“ сака да направи некому зајдисонце. Не би сакал тие центри да ги лоцирам, судскиот епилог ќе каже се, кој што направил и кој што сакал да направи со „Изгрев“.

Црквата одиграла значајна улога во опстанокот на македонскиот народ и зачувувањето на идентититетот. Каков е нејзиниот став денес во однос на крупните предизвици пред кои е исправена државата?


Архиепископ г.г. Стефан: МПЦ во времињата минати, кога не постоела македонската држава, всушност ја имала улогата и на црква и на држава. Во овие времиња на премногу искушенија, што ги доживеавме и се‘уште ги живееме, верувам дека МПЦ ќе помогне да ги надживееме сите овие кризи и проблеми, зашто друг пат и резервна држава немаме.

Конкретно која би била вашата порака до верниците исправени пред изборот промена на името како услов за членство во НАТО и ЕУ?

Архиепископ г.г. Стефан: Да го чуваме она што не‘ одржало, она што е наше, и да не прифаќаме ништо што не му припаѓа на македонскиот народ, на македонскиот јазик и идентитет и конечно на македонската црква. Јас верувам дека конечно разбравме што сакаат некои со промената на македонското име. Верувам дека и ова искушение ќе го надживееме и правилно и праведно ќе го решиме.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска