1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МПЦ расправа за аферата околу хотелот „Изгрев“

Горан Петрески 23 декември 2008

Синодот на МПЦ одржа вонредна седница во врска со аферата „Изгрев“. Полициската истрага треба да покаже дали високото свештенство е замешано во криминал тежок неколку милиони евра. Владиците негираат вмешаност.

https://p.dw.com/p/GM2O
Соборниот храм во СкопјеФотографија: DW

Уапсени бизнисмени, нотари, адвокати, судии. Дали во криминалот тежок повеќе од шест милиони евра се вмешани и свештени лица? Одговор на ова прашање ќе донесе натамошната полициска истрага. Денеска Синодот на МПЦ одржа вонредна седница на којашто на дневен ред беше ставено прашањето за хотелот „Изгрев“.

Станува збор за хотел во кругот на манастирски комплекс на брегот на Охридското Езеро. Вчера полицијата приведе 16 луѓе, осомничени дека преку разни малверзации со хотелот „Изгрев“ ја оштетиле германската банка ЛХБ за 5,2 милиони евра и домашната Тутунска банка за уште еден милион евра.

Владиците негираат вмешаност во малверзациите

Меѓу уапсените се и браќата Ѓорѓи и Димитар Миладинов, кои поседуваат заедничка фирма со МПЦ. Дали во овој партнерски бизнис и малверзациите за струшкиот хотел се вмешани и луѓе од црквата? - портпаролот на Синодот, владиката Тимотеј тврди дека никој од високото свештенство не е замешан во случајот. Но, оваа афера, што долго време се влече во македонската јавност, го урива авторитетот на црквата.

МПЦ поседува значителен процент на акции во сопственоста на хотелот, но досега нема ниту една кривична пријава за нејзин претставник. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, не ја исклучува таквата можност.

Г. г. Стефан смета дека аферите се конструирани

Црковниот врв не е имун на обвинувања за сомнителни зделки поврзани со имотот на МПЦ. Архиепископот г. г. Стефан подолго време не се огласил во јавноста. За аферите тврдеше дека се конструирани: „Времето и иднината ќе кажат кој и зошто токму во ова време сака да ги прикаже, особено архиепископот, дека е криминалец, дека проневерил дека отуѓил имоти“, рече во една пригода г. г. Стефан.

Скандалите на адреса на црквата се случуваат во период кога се’ поголем број верници се враќаат кон религијата и кога на Македонската православна црква и е неопходно внатрешно единство и солиден имиџ во јавноста, за да може посилно да се бори за рамноправност во православниот свет.