1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мразот меѓу Груевски и Црвенковски ќе се „топи“ постепено?

Костадин Делимитов22 јануари 2013

Аналитичарите не се изненадени од „фијаското“ на лидерската средба помеѓу Никола Груевски и Бранко Црвенковски, но не очекуваат дека тука е крајот на преговорите за излез од политичката криза.

https://p.dw.com/p/17P7W
Фотографија: Petr Stojanovski

Универзитетскиот професор Јове Кекновски смета дека епилогот од средбата во Клубот на пратеници бил очекуван, но прогнозира дека допрва ќе следуваат засилени преговори. Според него, никој разумен не може да очекува одеднаш да се „стопи“ цврстиот став што преовладува кај Груевски и Црвенковски: „Ова е само старт на идните среќавања и индиректно укажување дека е потребна помош од меѓународната заедница“, вели Кекеновски и додава:

„Ова ми личи барај повеќе да добиеш повеќе од минимум. Зошто би немало и не би требало да има предвремени избори? Затоа што со оглед на засилената динамика на процесот што го води Метју Нимиц за решавање на спорот, а впрочем и гледаме и дека ЕУ сака да се вклучи во него, ми дава за право да мислам дека до јуни би се решил спорот за името. Ако е така, тогаш логично е да нема предвремени парламентарни избори, а впрочем на тоа укажаа и ЕУ и САД. Затоа сметам дека е најлогично да се одржат локалните избори, потоа да се динамизира процесот за името, по што во Парламентот би се донела одлука за консултативен референдум на кој што доколку е позитивна одлуката и власта и опозицијата ќе добијат алиби за да се направи конечниот и прв чекор околу додавање географска придавка на името. Може да се случи решавањето да оди во неколку фази, прво придавката, а потоа во наредна фаза да се разговара околу јазикот и идентитетот, но лично сметам дека никој нема право да се впушти во такви преговори“, коментира Кекновски.

Аналитичарот Петар Арсовски во изјава за Дојче веле коментира дека во основа, лидерската средба покажува дека политичката криза во која се наоѓа Македонија ескалира дотаму што е потребен некаков посериозен политички механизам за таа да се надмине:

„Фактот што двајцата лидери разговараа на оваа тема значи оти се свесни дека е потребен поширок консензус или дијалог, и дека кризата нема да помине сама од себе. Два излези се можни: или ќе се договорат и кризата ќе заврши, или нема да се договорат и кризата ќе продолжи и ќе ескалира, но во секој случај е доказ дека без договор нема смирување на кризата. Ова покажува дека сегашните институции на системот не се доволно моќни ниту имаат доволно легитимитет да понудат разврска, па е потребен лидерски механизам. Оваа средба, па и кризата доаѓа во деликатно време врзано за разрешување на спорот за името, што ситуацијата ја прави дополнително комплицирана. Тука локалните избори се само фолклор, односно само коинцидираат со кризата, таа е инаку парламентарна и политичка“.

Според Арсовски, фактот што сега треба да се организираат и локални избори прави во равенката да има повеќе варијабли, што ја прави разрешницата секако покомплицирана.