1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мубарак го напушти Каиро

11 февруари 2011

Египетскиот претседател Хосни Мубарак, како што јавуваат агенциите, повикувајќи се на безбедносни кругови во Египет, веќе не е во Каиро, туку во одморалиштето Шарм ел Шеик. Најавено е негово „важно соопштение“.

https://p.dw.com/p/10FlY
Хосни Мубарак заминал во Шарм ел ШеикФотографија: picture alliance/dpa

Кога 82-годишниот Хосни Мубарак би го дал важното соопштение засега не е познато, но она што е познато од безбедносни извори, е дека тој и неговото семејство веќе не се во главниот град, туку во нивната вила во Шарм eл Шеик, на Црвеното море.

Во меѓувреме, во Каиро и во целата земја стотици илјади луѓе протестираат, барајќи оставка на Мубарак. Највлијателната опозициона група - Муслиманско братство, но и носителот на Нобеловата награда за мир Мохамед ел Барадеј, во Каиро апелираа до демонстрантите да продолжат со протестите за да го натераат Мубарак веднаш да даде оставка. „Моќта на народот не може да се скрши. Ќе ги спроведеме нашите барања“, напиша Ел Барадеј во кусата порака раширена преку социјалната мрежа Твитер. Ел Барадеј изразува и надеж дека и армијата ќе им се приклучи на демонстрантите.

Воените трупи во Каиро денеска (11.02) беа значително зајакнати поради маршот на милионите. Армијата денеска се стави јасно на страната на Мубарак. Таа соопшти дека ги поддржува плановите на претседателот за мирно предавање на власта и слободни избори во текот на годинава:

„За да се заштити стабилноста и безбедноста на земјата, советот донесе одлука да ја укине вонредната состојба штом тоа ќе го дозволи ситуацијата“, соопшти армиската команда на државната телевизија.

„Не му е грижа за народот“

Ägypten Proteste Demonstrationen in Kairo Flagge
Бевме шокирани од говорот, велат демонстрантитеФотографија: dapd

Сето тоа е фрустрирачки за народните маси во Каиро. Еден од демонстрантите по говорот на Мубарак на телевизијата, одржан вчера, во кој претседателот не соопшти намера да се повлече од функцијата, туку најави префрлање на овластувања во рацете на вице-претседателот Омар Сулејман, вели:

„Не му е грижа за народот. Не‘ шокираше. Вчера одржа говор кој не им дозволи на луѓето во Египет за заспијат. Мубарак сака да ја уништи земјата“.

Обама со најостра реакција досега

Obama / Ägypten / USA
Барак ОбамаФотографија: AP

Сето тоа е фрустрирачки за народните маси во Каиро. Светот, пак, во реакциите по говорот на Мубарак, изразува разочарување и бара јасност за натамошните чекори на раководството. Американскиот претседател Барак Обама, во досега најострата реакција по почетокот на немирите во Египет, оценува дека „премногу Египќани и натаму не се убедени дека владата е сериозна во намерите за вистински премин кон демократија“. Обама го повика египетското раководство брзо и јасно на сопствениот народ и на светот да му каже како го замислува преминот кон демократија.

„Сакаме младите и сите Египќани да знаат дека Америка ќе продолжи да прави се‘ за да му даде поддршка на процесот на транзиција кон демократија во Египет“, рече Обама.

Берлин: Она што го прави Мубарак не е доволно

Guido Westerwelle Pressekonferenz Ägypten
Гидо ВестервелеФотографија: AP

Германската влада е загрижена поради можноста од ескалација на состојбите во Египет по говорот на Мубарак. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека стравува оти настапот на египетскиот претседател нема да придонесе кон смирување на состојбата:

„Бараме и очекуваме луѓето кои денеска демонстрираат тоа да го прават непречено и против нив да не се употребува насилство.“

Портпаролот на германската канцеларка, Штефен Зајберт, рече:

„Она што го најави Мубарак не е доволно. Добро е што најави скорешен крај на вонредната состојба, добро е што најави дека сака да промени делови од уставот, но тој сигнал не е доволен за да ги смири луѓето на плоштадот Тахрир, и не само нив.“

Ополномоштеникот на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон констатираше дека говорот на Мубарак не го „ослободил патот за побрзи и подлабоки реформи“, а францускиот претседател Никола Саркози, беше повеќе од јасен и побара оставка на Мубарак:

„Овој чекор е неизбежен. Посакувам од се‘ срце разбудената египетска демократија да најде доволно време за градење политички партии и структури кои навистина ќе им го отворат патот на луѓето кон демократија, а не кон некоја друга форма на диктатура, религиозна диктатура.“

Автор: ЕМФ/ЖА/дв/дпа/дпад/ртр

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи