1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мубарак е пред ослободување?

ЕМФ/ард/дпа19 август 2013

Соборениот египетски претседател Хосни Мубарак би можел да излезе од притвор уште во текот на оваа недела. Извори од египетското правосудство соопштија дека судот наредил негово ослободување.

https://p.dw.com/p/19SD1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хосни Мубарак во моментов е во притвор поради обвинувања за корупција. Тој и неговите двајца синови се обвинети дека проневериле пари за претседателските палати. Од кругови во правосудството сега се вели дека постапката што се води за проневера на јавни средства при градежни проекти е вратена до обвинителството, затоа што обвинението треба да се прошири на уште четворица соучесници.

Адвокатот на Мубарак, Фарид ал Диб, за агенцијата Ројтерс изјави дека се очекува ослободување на Мубарак во рок од 48 часа.

Процесот мора да се повтори

Мубарак беше соборен од власт во 2011 година. Против него се води и постапка поради обвиненија за убиство на демонстранти за време на немирите во Египет, по кои тој беше соборен од власт. Мубарак во јуни 2012 година беше осуден на доживотен затвор поради употреба на насилство за време на масовните протести против неговото владеење. Ваквата пресуда, меѓутоа, поради грешки во постапката, подоцна беше укината. Во мај годинава судскиот процес почна одново. Мубарак ги демантира обвинувањата и се изјаснува за невин. Тој не може да остане во притвор додека не заврши овој судски процес, поради тоа што минаа повеќе од две години, што, според египетскиот закон, е максимална должина на престој во притвор до изрекување пресуда. Судскиот процес меѓутоа продолжува, иако Мубарак треба да излезе од притвор.