1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мубарак ослободен, во Египет резигнација

Матијас Зајлер / Жана Ацеска23 август 2013

Иако го очекува нов процес, египетскиот екс-диктатор Хосни Мубарак е ослободен од затвор. Само малкумина Египќани се полни со гнев, некои се надеваат на поинаква судска постапка.

https://p.dw.com/p/19UzO
Фотографија: Reuters

За многумина аналитичари тоа и не беше вистинско изненадување, но сепак дел од нив се шокирани: суд во Каиро во последна инстанца нареди ослободување на соборениот претседател Хосни Мубарак. Меѓутоа, в недела (25.08) против него започнува нов процес во кој тој ќе одговара за убиството на демонстранти во јануари 2011 година. Но, Мубарак за време на процесот не мора да биде зад решетки. Бидејќи екс претседателот помина веќе две години во истражен затвор, според судот, согласно закон, дека мораше да биде ослободен. Ниедна од досегашните различни судски постапки против него не резултираше со правосилна затворска казна.

Во последната постапка всушност се работеше за незначен случај на поткуп. Но, тоа овозможуваше натамошен притвор, откако Мубарак лани во однос на обвинението за убиство на демонстранти беше прогласен за невин. Зад одлуката се кријат повеќе причини. Абдул Бар Захран, функционер на Партијата за слободен Египет, на процесот го забележал следното:

„Постапката не беше добро подготвена од страна на Државното обвинителство, така што судијата немаше никакви докази против Мубарак“.

Hosni Mubarak 13.04.2013
Наместо зад решетки, во болницаФотографија: picture-alliance/dpa

Саботажа од страна на властите?

Познато беше, на пример, дека тајните служби уништиле важни видеоснимки, а безбедносните сили, полицијата и војската, според тогашниот државен обвинител, недоволно соработувале со судот. Гласни станаа и обвинувањата за ставање под притисок на сведоците заради ревидирање на нивните претходно дадени изјави. Сето тоа укажува на силно политизирано правосудство. И покрај тоа, Абдул Бар Захран бара да се почитува сегашната одлука на судот. Само така може да се придонесе за стабилен правосуден систем со независно судство.

Такво гледиште застапуваат и многу други неисламски партии. Реакциите на улиците се различни, но само малкумина се гневни поради ослободувањето на Мубарак. Ваквиот впечаток го потврдува и Абдул Бар Захран:

„Многумина од нив мислат - тој е стар човек, не треба да го затвораме. Во исламскиот табор и кај револуционерите на плоштадот Тахрир верувам дека ќе има поинакво мислење“.

Премногу истоштени за да демонстрираат

Но, исламистите и некогашните револуционери се малцинство и многу ослабени. Многумина Египќани во меѓувреме јавно зборуваат дека за врема на Мубарак им било подобро отколку по револуцијата од 25 јануари. Ова се отсликува и во сегашната поддршка на бруталниот однос на војската.

Движењето Тамарод, кое ги организираше протестите против Мохамед Мурси на 30 јуни, го критикува ослободувањето на Мубарак. Но, истовремено го користи и за напади врз Муслиманското братство. Тамарод одговорноста за пресудата ја гледа кај Мурси и од него поставениот државен обвинител. Фактички, постапката против Мубарак навистина почна за време на обвинителот кој тој го назначи и во време додека беше претседател.

Фрустрација, но без жестоки протести

Вистински критички реакции против судската одлука засега има малку. Движењето 6. април е еден од ретките критичари и за денеска (23.08) повика на демонстрации. Ајман Абдел Мегуид е член на раководството на движењето:

Abdul Bar Zahran
Абдул Бар ЗахранФотографија: DW/M.Sailer

„Ние сме незадоволни од сите пресуди со кои Мубарак е прогласен за невин. Државното обвинителство го прелажа народот и сега Мубарак е слободен човек, без казна за неговите злодела, кои им се познати на сите“.

Но, Ајман Абдел Мегуид нема илузии и знае дека протестите нема да бидат масовни. Во моментов оние кои вообичаено за нешто вакво би излегле на улица, се едноставно под преголем стрес. Тоа што државниот обвинител го ослободи Мубарак од затвор, е најмалиот проблем. Мегуид алудира на најновиот масакр и авторитарното однесување на воениот режим, кој не поднесува никаква критика.

Болница наместо затвор

За претстојниот нов процес против Мубарак кој почнува в недела, според Абдел Мегуид, има малку информации. Според него, за страдањата на земјата е виновно наследството од ерата на Мубарак: „Во неговото некогашно владеење се‘ уште ја гледаме главната причина за насилството што денеска се случува на улиците“.

Синоќа Мубарак, кому му е одреден куќен притвор, беше сместен во луксузна воена болница во Каиро, каде ќе престојува во иднина.