1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мудис го намали кредитниот рејтинг на Франција

ЖА/дв/афп/дапд/ртре20 ноември 2012

Удар врз напорите на социјалистите на претседателот Оланд за справување со должничката криза: Франција нема веќе топ-бонитет кај рејтинг агенцијата Мудис.

https://p.dw.com/p/16m6O
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската рејтинг агенција Мудис ја намали оценката на топ-бонитетот на Франција од „Ааа“ на „Аа1“. Исто така и прогнозата останува негативна, со што се заканува натамошно намалување на оценката за кредитоспособноста. Мудис ја образложи одлуката со влошувањето на стопанскиот развој на земјата на долгорочен рок. Земјата губи на конкурентност, а неизвесно е и како ќе ги преброди идните шокови во рамките на еврозоната, соопшти Мудис. Истовремено, агенцијата укажува дека оценката за Франција сепaк останува висока, посочувајќи на силните страни кои ја обезбедуваат кредитоспособноста. Во нив се вбројува широката палета на стопанството и силната определба кон структурни реформи и курс на консолидирање од страна на владата.

Францускиот министер за финансии Пјер Московици во Париз изјави дека оценката на Мудис се однесува на минатото, на работата на претходната влада која малку направи за санирање на државниот буџет и за конкурентноста. Кабинетот на Оланд започна решително спроведување реформи и на таа определба останува во иднина.

Намалената оценка за кредитоспособноста може да предизвика отежнување и поскапување на обезбедувањето пари на пазарите на капитал. Во јануари најдобрата оценка на Франција и‘ ја одзеде и рејтинг агенцијата Стандард и Пурс.

Намалувањето на бонитетот на Франција има голема тежина поради тоа што Франција спаѓа во најголемите европски економии. Во еврозоната со најдобра оценка од Мудис и Стандар и Пурс остануваат само уште Германија, Финска, Луксембург и Холандија.