1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мудис се заканува со намалување на рејтингот на САД

14 јули 2011

Поради судирот околу буџетот во САД кој трае, рејтинг агенцијата Мудис ја стави под знак прашалник кредитната способност на најголемата светска економија. Кина е загрижена.

https://p.dw.com/p/11uzq
Фотографија: AP

Рејтинг агенцијата Мудис се заканува дека ќе ја одземе највисоката оценка за американските државни обврзници „Ааа“, поради, како што се вели, постоењето на засега мал, се‘ повеќе растечки ризик дека Вашингтон нема да може да си ги плаќа долговите. Политичкиот застој во преговорите меѓу позицијата и опозицијата во САД, според проценката на Мудис, ја зголемува опасноста од тоа дека до втори август можеби нема да се најде заеднички јазик околу подигањето на границата за ново задолжување, што подразбира и договор околу мерките за штедење. Тоа би значело и платежна неспособност на Америка. Колку и кусо да трае таа платежна неспособност, врвната оценка веќе нема да биде соодветна, предупредува агенцијата.

Американскиот претседател Барак Обама од лидерите на опозиционите републиканци побара брзо постигнување компромис во спорот околу горната граница за задолжување. Републиканците бараат големо кратење на давачките, но го отфрлаат барањето на демократите на Обама за зголемување на даноците за богатите. На Обама му е потребна согласност од Конгресот за подигнување на горната граница на задолженост, која сега изнесува 14,3 илајди милијарди долари. Доколку не се постигне согласност, на втори август САД ќе мора да ги запрат исплатите, што ќе значи застој во работата на владата и останатите владини институции.

Заседаваат секој ден, договор нема - американскиот претседател Обама и претставници на републиканците
Заседаваат секој ден, договор нема - американскиот претседател Обама и претставници на републиканцитеФотографија: dapd

Обама бил црвен од лутина?

Од неделата (10.07) Обама секој ден води разговори со врвни претставници на двете партии во Претставничкиот дом и Сенатот, но досега нема конкретен резултат. Според републиканци, кои учествувале на вчерашните разговори, американскиот претседател излегол од собата каде што се одржувала средбата црвен од лутина. Притоа, наводно рекол: „Тука е мојата граница“. Демократите тврдат дека ваквите описи на состојбите се „претерани“. Разговорите би требало да продолжат денеска (14.07).

Азиските пазари веќе реагираат нервозно на заканата на рејтинг агенцијата Мудис за намалување на рејтингот на САД. Портпарол на кинеското министерство за надворешни работи денеска изјави дека Кина е загрижена поради можната платежна неспособност на САД и се надева дека Вашингтон ќе покаже одговорност и ќе даде гаранции за интересите на инвеститорите.

Автор: ЕМФ/ГЧ/ард/ртр/дпа

Редактор: Борис Георгиевски