1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Музеј во темнина

18 декември 2011

Поговорката „слепиот слепото лице го води” во еден музеј во Франкфурт добива целосно поинакво значење. Посетителите во целосна темнина во музејот ги водат слепи водичи. Целта е да се искуси како е да се биде слеп.

https://p.dw.com/p/13TZC
Музеј на дијалоготФотографија: G2 Baraniak

Група ученички и јас ги исклучуваме мобилните телефони и ги симнуваме часовниците, додека некој залепува селотејп лента преку екранот на мојот рекордер. Во Музејот на дијалогот во Франкфурт, не смее да се внесе ништо што би можело да биде извор на каква било светлина.

Секој добивме бел стап, по што не´ пуштија во потполна темнина. Срцето почна посилно да ми бие и чувствувам мачнина додека непрестано се обидувам да го следам гласот на водичот низ собата така осмислена што потсетува на парк.

Паниката е сосема нормална

Според водичот Мунир Винтер, моето чувство на паника е сосем нормално.

„Како и сите наши гости, сите се под стрес, ова е единствено искуство и цело време мислиш што ќе се случи сега, што е следното? Има ли некоја пречка на мојот пат или не? Мораш да научиш да се потпираш на стап и да го слушаш гласот на водичот, затоа на почеток се чувствуваш помалку изгубено“.

Одиме преку чакал, преминуваме преку висечки мост и замавнуваме со стапови за да избегнеме меѓусебно и судирање со дрвјата. Едноставно не гледам ништо. Темнината е толку потполна што се чувствувам скршено.

По одморот, лежењето на под и слушањето музика, не´ водат на следната поставка, осмислена како градска улица.

Со раце го пронаоѓаме патот, допирајќи ги фасадите, камењата, вратите и прозорците, пред обидот да ја поминеме сообраќајната улица. Го поттиснав малку чувството на паника и целосно сум фасцинирана од сите материјали кои ги чувствувам под рацете и површините под нозете.

„Целта е да стекнете чувство како изгледа да бидеш зависен од сите други сетила, да допираш, слушаш нешто, како и да научите колку од тоа можете да доживеете без да го видите”, вели Винтер.

Се влегува со страв, се излегува со почит

Музејот на дијалогот нема за цел само да се доживее слепилото за еден час, туку и да се промени ставот на посетителот за инвалидноста. Без слепиот водич кој низ темнината во музејот се движи со леснотија, посетителите би биле потполно изгубени, вели менаџерот на Музејот на дијалогот, Клара Клецка.

„Забележавте сигурно, доаѓа до замена на улогите и во темнината вам кои гледате ви е потребно слепо лице. Ова е многу силно чувство. Сите одат внатре со доза на страв, а излегуваат со почит. Тоа сакаме да го доживееме. Слепите лица можат одлично да ја работат својата работа“.

На крајот на турата, не´ одведоа во кафуле каде што на водичите можевме да им поставуваме прашања. Ученичките кои беа со мене имаа мноштво прашања-како купувате храна, како ги броите парите, што работите во слободното време, како готвите, како избирате гардероба?

За Клара Клецка оваа размена е суштински дел на концептот на музејот: „Многу е важна заедничката посета на музејот на крајот, бидејќи тоа е место каде што се случува вистинскиот дијалог. Посетителите почнуваат да поставуваат прашања. Пред тоа потполно се концентрирале на своите чувства и дури тогаш кога ќе седнат всушност можат да се сконцентрираат на поставувањето на прашањата”.

И всушност дури тогаш сфаќате дека името Музеј на дијалогот веќе не е соодветен.

Автор: Кејт Херцин/ Светлана Брик

Редактор: Александра Трајковска