1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Музичка продавница со традиција

Андреа Мојзер / Симе Недевски19 април 2013

Крим мјузик е настарата продавница за музичка опрема во Франкфурт на Мајна. Повеќе од 100 години ги снабдува музичарите со инструменти. Кога гостуваат во градот, ја посетуваат и славните личности од светот на музиката.

https://p.dw.com/p/18Cr1
Фотографија: Fotolia/Peter Atkins

Крим Мјузик е најстарата продавница за музички инструменти во Франкфурт на Мајна. Зад пултот во одделот за гитари стои Бернард Хан.

„Убаво е кога влезната врата ќе се отвори и ѕвончето над неа онака убаво ќе заѕвони. Секогаш во продавницата влегува некоја нова приказна. А она што ме фасцинираше уште како дете е тоа дека на гости ни доаѓа целиот свет. Секој втор купувач е странец и всушност тоа е некако наша мала тајна. Овде луѓето едноставно добро се чувствуваат, без разлика од каде доаѓаат и тука се однесуваме кон нив со почит. Музичарите во целиот свет се едно семејство, а зборуваат на јазикот на музиката“, вели Бернард.

Продавницата е отворена 1904 година и отсекогаш била во сопственост на семејството. Музиката била и е во крвта на сите нејзини членови.

Едит Хан во 1957 година била приправничка во продавницата и се вљубила во синот на сопственикот.

„Се запознавме и потоа станавме многу блиски пријатели. Да, тоа беа убави времиња. Брат му беше исто така тука, а беа и бабата, дедото, мајката и таткото на мојот сопруг. Дедото седеше тука во канцеларијата и пушеше толку многу цигари што од чадот не можеше да се гледа“, раскажува Едит.

Symbolbild Schlagzeug
Фотографија: Fotolia/Peter Heckmeier

Дедото седел одзади во канцеларијата, а подмладокот работел во продажбата. Продавницата ја посетувале и славни муштерии. Едит Хан се присетува: „Елвис Присли дојде кај нас и купи гитара. Еднаш исто така седеше надвор во автомобилот и по гитара го прати само возачот, а потоа ја испробуваше во автомобилот. И, да, сега се сетив... Џон Ленон беше тука. Секогаш пееја кога ги испробуваа инструментите. Тоа е автоматска реакција. Тоа им е едноставно во крвта па почнуваат да пеат.“

Денес во продавницата работат 4 члена од семејството Хан, правнуците на основачот. Бернард работи во одделот за гитари, Роберт и Штефан Хан во одделот за студиска опрема. Секој е задолжен за некоја област.

„Меѓусебно се надополнуваме, си веруваме еден на друг и точно се знае кој што работи. Покрај тоа и многу добро се забавуваме. Секако, како и во секој брак, работите понекогаш знаат да запнат, но тоа не е ништо сериозно“, вели Штефан Хан.

Symbolbild Volksmusik Blasinstrumente
Фотографија: Fotolia/Kalle Kolodziej

Неговиот брат Мартин е задолжен за тапаните. Тој владее со звучно изолираниот подрум за пребирливите клиенти. „Ако продавницата за инструменти сега би ја преправиле во парфимерија, на потрошувачите тоа не би им одговарало. Тие сакаат да дојдат некаде и да се напијат кафе. Потоа сакаат да ги допираат инструментите и да ги испробуваат, да се напијат уште едно кафе па повторно да испробуваат“, објаснува Мартин Хан.

Усни хармоники, флејти, бенџовци , кларинети... Сите овие инструменти може да се најдат во Крим Мјузик, грижливо негувани.

Продавницата за музичка опрема е сепак нешто повеќе од обична продавница. За неа се потребни душа и страст.