1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мултиетнички ифтар во Дебар

Вера Тодоровска26 септември 2008

Над 200 Албанци, Турци, Македонци и Роми се собраа во Дебар да го прослават завршувањето на рамазанските пости. Градот уште еднаш ја докажа својата верска и етничка толеранција.

https://p.dw.com/p/FPbC
Верите повторно се споија во ДебарФотографија: AP

Најсилната и најјасна порака за соживот, верска и етничка толеранција доаѓа од Дебар, град-симбол на вековен соживот и меѓусебно разбирање. Ја упатуваат дебрани и нивните пријатели од соседните општини, Центар Жупа и Маврово Ростуше, кои ден пред Лејлетул кадр, највредната ноќ од едномесечниот рамазанскиот пост, ифтарската вечер ја минаа заедно. На едно место се собраа Македонци, Албанци, Турци, Македонци-муслимани, Роми. Со нив беа и ефенди Ружди Љата, старешина на дебарското муфтиство и Благоја Спировски, намесник на дебарската парохија.

Вака треба да продолжиме

„Бевме заедно и мулсимани и православни. Вака треба да бидеме и во животот, сега и во динината. Многу сум радосен и задоволен што верниците се толерантни и знаат да живеат заедно“ - вели Љата.

„Вака треба да се продолжи. Да продолжат соживотот и вековната верска толеранција“ - посакува Спировски.

Тие упатија апел до сите верници да не дозволат никој и ништо да го наруши вековоното заедничко живеење и почитување. Спировски за Дојче Веле не крие дека она со што може да се пофали Дебар, го нема во ниту еден друг град.

Желба заедничката средба да прерасне во традиција

Debar Stadt, Mazedonien
Дебар испрати силна и јасна порака за соживот и толеранцијаФотографија: Petar Stojanovski

Дебар со векови е познат по своите вредности на заедничко живеење, а оваа и слични среби се само потврда за тоа. „Посакувам вакви средби да станат традиционални“- вели младиот Алтин Каја, кој учи во дебарската гимназија заедно со Македонката Катерина, Ромот Мифтар и Турчинката Игбал.

Од памтивека во Дебар и дебарско се живело добро, во мултиетничка средина, вели Казафер Емруловски, наставник од подстоговскто село Броштица. „Јас лично тоа го чувствувам како привилегија, затоа што различноста е само предност во средините каде живеат луѓе со повеќе вероисповести и од повеќе националности“ - додава тој.

Соживот се гради со дела, не со зборови

„Со векови нашите предци живееле заедно и во слога. Помагајќи си едни на други минале многу премрежија и голготи. Зошто не би можеле истото да го сториме и ние и нашите потомци“ - порачуваат Гоце Љубиновски и Шуип Марку од Центарот за одржлив развој на заедицата, кои се главните ,,виновници“ за заедничкиот ифтар.

Ова е добар пример и потврда дека соживотот не се гради само со зборови, туку и со дела. А нив ги имало и ќе ги има. И овој Рамазан Бајрам, ефенди Љата е сигурен дека неговиот прв гостин ќе биде парохискиот намесник Спировски, со кој на верниците заедно ќе им упатат честитки и најубави желби.