1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мултиетничкото училиште во Прељубиште ги победи режиите

28 септември 2009

Проблемите се надминати и учениците се повторно на настава. Одделни жители од албанската етничка заедница од соседното село Шемшово, имале цел-спречување на концептот на мултиетничкото образование.

https://p.dw.com/p/JsVW
Македонски Албанчиња-тие се за другарување со врсниците-МакедончињаФотографија: picture-alliance/ dpa

Од четвртокот минатата недела учениците - Албанци во првото интегрирано основно мултиетничко училиште „Фридтјоф Нансен“ во тетовското село Прељубиште не доаѓаа на часови, додека во македонските паралелки немаше прекин на наставата. Според расположливите информации, поединци од албанската етничка заедница од Шемшово им забранувале на родителите да ги праќаат децата на часови, манипулирајќи со нив и велејќи им дека, наводно, „ќе се случела асимилација на Албанчињата“.

Бесим Нухиу, домар во училиштето во Шемшово и во Прељубиште изјави дека родителите – Албанци самите ги отфрлиле притисоците што ги вршеле врз нив одделни нивни сонародници, заземајќи категоричен став дека „тие самите како родители одлучуваат каде ќе учат нивните деца“. Нухиу нагласува:

„Проектот започна со селаните и родителите од Шемшово, со месната заедница. Тој проект има поддршка од сите.“

Tetovo, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Сашо Стојковски од невладината организација „Нансен дијалог центар“ од Скопје, инаку координатор за проектот за училиштето во Прељубиште, кое има штедра поддршка од македонското министерство за образование и од владата на Норвешка, изјави за Дојче веле:

„Имаше одредена група, поединци, кои беа против концептот на интегрираното двојазично учење, тие се залагаа повеќе за концептот на сегрегирано, издвоено учење во етнички чисти паралелки. Постоеше различност во ставовите и размислувањата меѓу дел од жителите на Шемшово и родителите кои ги праќаат своите деца тука. Проблемот е надминат и учениците – Албанци од Шемшово продолжуваат да доаѓаат, а училиштето во Прељубиште веќе функционира нормално.“ . “

„Играме, цртаме и пишуваме заедно ...“

Во училиштето во Прељубиште се учи до петто одделение. Има вкупно 4 македонски и албански паралелки со вкупно 45 ученици на двата наставни јазика. Запрашан кои му се другарчињата и што прават додека се во училиштето, малиот Арсим одговара: - „Пишуваме и цртаме со моите другарчиња Ади, Амза, со Роберт, Иге и Аце.“

Неговиот врсник Аце вели: „Играме заедно – Роби, Иге, Арсим, Ади, Џенгиз ...“

Воспитувачката Елизабета Стаменковска укажува на еден од најважните ефекти од функционирањето на оваа образовна институција, отворена на почетокот на ланската учебна година со цел да се придонесе кон надминувањето на етничките предрасуди и за зголемување на мултиетничката толеранција и разбирање:

„Децата научија да комуницираат, да се разбираат. Кога ќе им кажам на моите деца од албанските паралелки нешто на македонски јазик тие веќе разбираат и гледаме дека има напредок во работата. Децата започнуваат да го учат јазикот, кој не им е мајчин – и Македончињата албанскиот и Албанчињата македонскиот јазик.“

Tetovo Zentrum, Mazedonien
И во Тетово ќе има сличен проектФотографија: Petar Stojanovski

Следниот месец отворање македонско – албански заеднички паралелки и во градинките во Тетово

Координаторот Сашо Стојковски ја набележува новата развојна фаза од примената на овој концепт на образованието во Македонија:

„Ова училиште претставува многу битен модел во образовниот систем во Македонија. Барем ние што работиме врз оваа проблематика веруваме дека ова е моделот на иднината на образованието, особено во мултиетничките општини. Наскоро почнуваме со градба на средно интегрирано двојазично училиште - прво во Македонија и на Балканот. Тоа ќе се наоѓа на истата локација и во истото село.“

Заминуваме од Прељубиште, а дечињата не поздравуваат со „Догледање !“ и „Мирупафшим !“, со измешаните гласчиња на македонски и на албански јазик.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска