1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мундијалот започна успешно

27 јуни 2011

Светското фудбалско првенство за жени во Германија започна успешно во секој поглед. Домашната репрезантација и бранител на титулата, стартуваше со победа, а воодушевувањето кај домашната публика е незапеметено.

https://p.dw.com/p/11kDf
Фотографија: dapd

„Драги фудбалски пријатели, добредојдовте на Олимпискиот стадион во Берлин. Конечно може да започнеме. Се радуваме на најдобрите 16 женски репрезентации во светот на возбудливи и фер натпревари. Многумина со години работеа ова да биде еден голем фестивал на фудбалот.“ Со овие зборови германскиот претседател Кристијан Вулф го означи почетокот на Светското фудбалско првенство за жени, кое до 17 јули ќе се игра во Германија.

Стадионот исполнет до последно место

Frauen-Fußball-WM Deutschland Kanada Eröffnung
Од церемонијата на свеченото отворање на СПФотографија: dapd

Олимпискиот стадион во Берлин, каде веднаш по обраќањето на Вулф започна натпреварот меѓу бранителот на титулата Германија и Канада, беше исполнет до последното место, односно мечот го проследија 73.680 гледачи. Тие, но и 15 милиони гледачи пред телевизиските екрани, можеа да се радуваат на првата победа на домашната репрезентација, која славеше со 2:1. Германките важат за фаворитки на првенството и се надеваат дека вторпат по ред ќе ја одбранат титулата светски првак, што ја освоија на претходните мундијали во 2003 и 2007 година.

Почетокот на првенството за избраничките на селекторот Силвија Најд беше успешен, но не и спектакуларен. Тие заслужено победија против Канада во меч во кој најголем дел од времето доминираа, но затоа Канаѓанките пред самиот крај се погрижија за неизвесност.

Првиот гол на натпреварот падна уште во 10. минута. Стрелец беше Керстин Гарефакес која игра во средниот ред на германската репрезентација. Таа беше и асистент за вториот погодок на Германките пред крајот на првото полувреме, кој го постигна Цецилија Окијоно да Мбаби. Треба да се напомене дека Германките во првото полувреме само во ретки моменти можеа да најдат противигра за цврстата одбрана на Канаѓанките.

Победа си е победа

1. Spieltag Frauen-Fußball-WM Deutschland - Kanada Angela Merkel Flash-Galerie
Канцеларката Ангела Меркел се радува на еден од головите на ГерманкитеФотографија: dapd

Сето тоа се промени во второто полувреме, кога домашната репрезентација креираше безброј шанси, но не успеа да ги реализира. Канаѓанките пак, од друга страна, во второто полувреме не упатија ниту еден шут кон голот на Надин Ангерер, се‘ до 82. минута, кога легендарната напаѓачка на Канада, Кристина Синклер, изведе извонреден слободен удар и постигна гол кој ги „смрзна“ гледачите на стадионот во Берлин, меѓу кои беше и германската канцеларка Ангела Меркел, која важи за голем љубител на фудбалот. Сепак, Германките по краткиот шок успеаја без поголеми неизвесности да го завршат мечот со предноста од 2:1.

Впечатоците од првиот натпревар на мундијалот на стрелецот на вториот гол Цецилија Окијоно да Мбаби се следниве:

„Беше јасно дека не сакавме премногу да ризикуваме. Повремено ја губевме контролата над играта, но сепак водевме со 2:0. И да, јасно е дека со екипа како Канада не треба да се опушташ кога водиш со 2:0.“

Франција поуспешна од Нигерија

Frauen-Fußball-WM 2011 in Deutschland - Spiel Nigeria gegen Frankreich
Од мечот Франција- НигеријаФотографија: dapd

Селекторката Силвија Најд не беше презадоволна од играта на своите избранички: Во второто полувреме почнавме добро, направивме многу добри шанси, но заборавивме да дадеме гол. А потоа стана навистина опасно, кога пред крајот резултатот беше намален на 2:1. И затоа на крај можам да кажам дека сум многу задоволна со резултатот.“

Нареден натпревар кој ги очекува Германките е оној во четврток против Нигерија, за кој велат дека ќе биде далеку потешка задача отколку првиот натпревар против Канаѓанките.

Инаку, спортскиот дел од Мундијалот започна пред официјалното отворање. Во првиот меч, вчера попладне, екипата на Франција ја совлада токму Нигерија со 1 спрема 0.

Денеска на програмата на Светското првенство во Германија се натпреварите меѓу Јапонија и Нов Зеланд и Мексико и Англија.

Автор: СН/ ЕМФ/ дв

Редактор: Александра Трајковска