1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муслиманското братство на терористичка листа

Александар Методијев/афп/ројтерс26 декември 2013

Ден откако египетската влада го стави Муслиманското братство на црна листа, 16 негови членови се обвинети дека припаѓаат на терористичка група. Меѓу нив е и син на заменик-лидерот на соборениот претседател Мохамед Мурси.

https://p.dw.com/p/1Ah82
Фотографија: Tarek Wajeh/AFP/Getty Images

Египетската влада вчера го прогласи Муслиманското братство за терористичка организација. Денеска египетските власти покренаа обвиненија против 16 поддржувачи на Муслиманското братство. Тие се уапсени под обвинение за „промовирање идеологија на Муслиманското братство, дистрибуирање флаери и поттикнување насилство против армијата и полицијата“.

Муслиманското братство беше ставено вчера (25.12.2013) на црната листа како терористичка организација, како одговор на самоубиствениот напад што се случи ден претходно во делтата на Нил, при што беа убиени 16 лица. Египетските власти го обвинија Муслиманското братство за ставање на бомбата. Тоа, пак, ги отфрли ваквите обвинувања.

Портпаролот на египетското МВР, Хани Абдел Латив, рече дека секој кој ќе учествува на протестите на Муслиманското братство ќе биде осуден на пет години затвор. „Казната може да биде смртна за оние кои ја водат оваа организација“, додаде тој.

Pro-Mursi Proteste in Kairo 04.11.2013
За тероризам ќе биде обвинет секој кој вербално или пишано го поддржува Муслиманското братство на соборениот претседател Мохамед МурсиФотографија: Khaled Desouki/AFP/Getty Images

Приврзаниците на Муслиманското братство објавија дека ќе ги продолжат протестите против армијата, кои се одвиваат од соборувањето на првиот демократски избран претседател во земјата, Мохамед Мурси.

„Пучистите се терористичка организација. Во Братството се мирољубиви патриоти“, стои во изјавата.

Во неделите по соборувањето на Мурси безбедносните служби убија илјадници од неговите приврзаници, а беа приведени и илјадници лица, меѓу кои и врвот на раководството на Муслиманското братство. Државното обвинителство минатата недеа побара, меѓу другото, на Мурси да му се суди и за тероризам, за што тој и други обвинети лица би можеле да бидат егзекутирани.

Владиниот кабинет информираше дека за тероризам ќе биде обвинет секој кој ја финансира или „вербално или во пишана форма“ ја промовира групата.