1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мушараф, наводниот сојузник на САД

19 август 2008

За САД пакистанскиот претседател Первез Мушараф, кој вчера најави повлекување од функцијата, важеше за верен сојузник во борбата против тероризмот. Но, по оставката, сега веќе е јасно: САД биле жртва на себезалажување.

https://p.dw.com/p/F0ek
Первез Мушараф ги изневери очекувањата на ВашингтонФотографија: picture-alliance/ dpa

САД до крај беа на негова страна: дури и кога минатата година претседателот Первез Мушараф воведе вонредна состојба во земјата и му ја одзеде функцијата на пакистанскиот врховен судија и уапси шессетмина опозиционери, заменикот портпарол на американското министерство за надворешни работи Кејси потенцираше:

„Ние и натаму ќе соработуваме со претседателот Мушараф.“

Толеранција од американската влада

Пораката на американската влада беше постојано иста - ние остануваме цврсто на страната на Мушараф. Од терористичките напади на 11 септември 2001 година, Мушараф за американскиот претседател Џорџ Буш беше човек број еден во Пакистан. Американската влада беше решена да ги толерира кршењата на човековите права од страна на пакистанскиот претседател се‘ додека тој барем вербално ветуваше дека ќе се бори против Талибанците и групите на Ал Каеда во пакистанско авганистанското гранично подрачје.

Од 2001 година, Американците му ставија на располагање 11 милијарди долари воена помош на својот сојузник Мушараф за да се бори против тероризмот. Парите се добро инвестирани, аргументираше американската влада А крајно сите напади од Талибанците врз трупите на НАТО во Авганистан беа планирани и координирани во Пакистан.

За офанзивата на Талибанците во Авганистан може да се зборува само во контекст на терористичката сцена во Пакистан, потенцира и адмиралот Мајк Мулен, шефот на американскиот армиски штаб:

„Кога зборуваме за Авганистан, мораме да зборуваме секогаш и за Пакистан, тоа оди едно со друго.“

Бланко чекот ја ослабе борбата против тероризмот

Долгогодишната надеж на владата на Џорџ Буш дека сојузникот во борбата против тероризмот, пакистанскиот претседател Первез Мушараф со помош на милијардите долари од запад ефективно ќе се бори против оперативните центри на Ал Каеда, се покажа изневерена. Наместо да се бори против терористичката мрежа Пакистан под раководството на Мушараф и со милијардите од Вашингтон се вооружуваше против ривалот и сосед Индија, вели реномираниот американски аналитичар Ахмед Рашид:

„Најголемиот дел од оружјето, меѓу тоа борбени авиони и тенкови, наменети се недвојбено против Индија а не против терористите.“

Финансиската помош од Вашингтон не ја злоупотребувала само пакистанската армија. И пакистанската тајна служба во време на Мушараф во никој случај не оперирала заедно со САД. Напротив: уште во мај ЦИА мораше да признае дека пакистанската тајна служба која требаше да биде сојузник, целосно ги поддржувала радикалните талибански водачи и воените стратези на терористичката организација Ал Каеда во пакистанско авганистанкиот граничен појас. Аналитичарот Рашид:

„Парите за борба против тероризмот стигнуваа на сметките на старите и нови талибански групи во Пакистан.“

Бланко чекот, кој американскиот претседател Џорџ Буш му го даде на својот наводен сојузник Мушараф, всушност ја ослабе наместо да ја засили борбата против терорзмот. Мушараф за Американците воопшто не беше сојузник.