1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мјуник“ – молитва за мир

Маргарете Јанис23 декември 2005

Така гледа на својот најнов филм американскиот режисер Стивен Спилберг

https://p.dw.com/p/AeTp
Режисерот Стивен Спилберг
Режисерот Стивен СпилбергФотографија: AP

Во американските кина денеска започнува прикажувањето на најновиот филм на Стивен Спилберг „Мјуник“, односно „Минхен“. Со филмот, во кој станува збор за палестинскиот напад врз израелскиот тим на олимпијадата во Минхен 1972-ра година, Спилберг сакал да даде придонес за мир на Блискиот исток. Но, критичарите на нож го дочекаа филмот уште пред да почне неговото јавно прикажување.

Два ипол часа исполнети со темпо, насилство и чувства – така Спилберг го опишува тајниот поход на Израел по масакрот на минхенската олимпијада. Темата е толку жешка, што одвај нешто да допре до јавноста за време на снимањето. Сега филмот доаѓа во американските кина и уште пред премиерата се погрижи за возбудувања.

Израел и неговата тајна служба Мосад во него не се прикажани во добра светлина. Се повлекуваат извесни паралели меѓу атентаторите на една, и ликвидациите од страна на Мосад на друга страна. Тоа нерадо ќе го слушнат многумина Израелци.

Појдовна точка на сторијата е Минхен 1972-ра. Палестински терористи земаа како заложници израелски спортисти и двајца веднаш убија. Германскиот план за спасување заврши со вистинска катастрофа, Палестинците ги убија другите грабнати Израелци.

Филмот раскажува како тогашниот израелски премиер Голда Меир му дава налог на еден млад агент на тајната служба со мал тим да ги ликвидира атентаторите од Минхен. Но, колку подолго трае одмаздничкиот поход во филмот, толку повеќе одмаздниците ги нагризува сомнеж во самите себе си. Тие откриваат заеднички нешта со гонетите.

Но, на режисерот Стивен Спилберг не му е цел да провоцира. Во интервју за американскиот магазин „Тајм“ тој го означи текот на дејствието како молитва за мир. „Се разбира дека мораме да реагираме на теророт, но како ќе обезбедиме да не станеме ние токму она, против кое се бориме? Тоа е клучот за нашиот филм. Ние во него потврдуваме дека тие луѓе, и покрај се’, остануваат луѓе и мене тоа ми беше важно“ – вели Спилберг.

Сторијата на филмот се потпира врз книгата „Одмазда“, што е издадена уште пред 20 години. Проектот Спилберг одамна го планирал и повеќепати во меѓувреме го отфрлал. Но, сега му се сторило дека е зрело времето за неговата филмска расправа со тероризмот.