1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навидум е се‘ релаксирано

23 јуни 2009

Со крајот на учебната година ги снема и тепачките во двата средношколски центри во Струга. И претходно и сега, средношколците без инциденти се дружат надвор од клупите, во кафетериите и дискотеките во Струга.

https://p.dw.com/p/IXFZ
СтругаФотографија: Petar Stojanovski

Јунска приквечерина во Струга. Чаршијата, по жешкиот ден, живнува. Сите сакаат да го почувствуваат свежиот ветер покрај реката Црн Дрим. А во чаршијата и по кејот, се мешаат македонскиот, албанскиот, турскиот јазик. Има и по некој странец. Од летните кафетерии трешти секаква музика - англиска, македонска, албанска. Навидум тоа никому не му пречи. Оние коишто доаѓаат од надвор велат, се чуствува како Струга да е поделена на македонски и албански дел. Стружани, ни едните ниту другите, јавно не признаваат. Велат дека живеат добро. Честите инциденти во училиштата, според стружанката Ирена се младешки немир и барање место под сонцето:

Struga Innenstadt, Mazedonien
Треба да се најде заеднички јазикФотографија: Petar Stojanovski

„Има деца кои доаѓаат и од околината на Струга. Можеби немаат некоја лоша намера, но сепак сакаат на некој начин да привлечат внимание . Така има закачки од типот ’каква е девојката’. Очигледно сакат да се поврзат меѓу себе, ама тоа не го прават така како што треба - другарски, фино и пријателски, туку работат мускулите и тие се во преден план.“

Педагозите се претолерантни?

Младиот режисер Џеладин Пошка сопственик на АРТ-кафе во кое функционира и театарска сцена, вели дека се виновни педагозите. Тие ученици коишто прават инциденти треба да се исклучат од училиштата:

„Мислам дека проблемот лежи во самите директори, професори кои не можат да воспитуваат мешани генерации. Тие треба да ги средат, или тие што се проблематични да ги отпишат од училиште. Така се‘ ќе беше решено во тој момент. Сега не гледам и не верувам дека ќе има такви работи бидејќи секој си го гледа интересот.“

Schule Niko Nestor
Младите тврдат - се дружиме!Фотографија: Petr Stojanovski

И годинава, за жал, се покажа дека децата беа колатерална штета од изборната трка меѓу политичарите на локално и национално ниво. Но, никој не треба да обвинува дека само сега ги има тепачките, вели Ирена :

„Можеби има виситина во тоа. Меѓутоа, се случија тепачки за време на двете гарнитури власт. Ако има политичка позадина, значи дека таа политичка позадина безобразно ги искористува учениците без да мисли на последиците.“

Тие доаѓаат, но ние не одиме

Средношколците Македонци признаваат: „Нашите врсници Албанци доаѓаат таму каде што ние излегуваме, ама ние ретко одиме кај нив“:

„Поголем дел од нив доаѓаат во нашите кафетерии. Инаку, ние не одиме. Немаме навика, албанска музика не слушаме и така. Тие разбираат македонски, а ние не разбираме албански и затоа. Инаку, нема проблем, зошто не би се дружеле? Живееме во иста зграда, си одиме на кафе, на прошетка заедно.“

Доаѓаат и тие, ама поретко

На десниот брег на Дрим, ако гледате од езерото, се распослани модерни кафетерии. Сопстевниците се Албанци. И гостите им се најчесто Албанци. Ретко кој сака да зборува пред микрофон. Но, сепак успевам. Прашањето идентично - дали се дружат младите Алабанци и Македоници меѓу себе? Одговорите гласат:

Schule Niko Nestor
Училиштето „Нико Нестор“ во СтругаФотографија: Petr Stojanovski

„Да излегуваме често. Добро е таму. Доаѓаат и тие, ама поретко.“

„Имам пријатели Македонци. Често се дружиме и зборуваме.“

Во интерес на бизнисот албанска музика може да се слушне и во кафетеријата Адмирал. Таа е најпопуларно струшко мешано свртилиште. Милан е вработен во оваа кафетерија и вели :

„Немаме забелешки. Кога ќе имаме, на пример, српски гости мора да се слуша нивна музика за да го задоволиме нивниот интерес. Овде се слуша и албанска музика. Со музиката немаме проблем.“

Одмазда не носи ништо

Навидум се‘ е релаксирано. Сепак, во Струга како да лебди незадоволството од тоа кој и како раководи со градот. Втор мандат градоначалнник е Албанец, а Македонците сметаат дека се подредени. Без многу подлабоки анализи, очигледно тука лежи и проблемот за нетрпеливоста меѓу учениците. Ирена оценува:

„Тоа се можеби некој вид фрустрации кои сега излегуваат од нив. Луѓето кои се чувствувале фрустрирани еден извесен период, сега сакаат на некој начин да ни‘ наплатат за некој минат период, а ние навистина не заслужуваме никој да се однесува така со нас. Бидејќи каде би бил крајот ако сега Обама, на пример, во Америка во ропство ги стави белците? Мислам дека би требало да се најде еден заеднички јазик за напредок на сите. Не знам кој би бил среќен ако на соседот не му е добро. “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска