1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наградата во рацете на аутсајдерка

13 октомври 2009

За Германската книжевна награда за 2009 година беше номинирана и годинешната добитничка на Нобеловата награда за литература Херта Милер. Признанието меѓутоа и` беше доделено на Катрин Шмит за романот „Нема да умреш“.

https://p.dw.com/p/K541
Катрин Шмит со нејзиниот награден роман „Нема да умреш“ во рацетеФотографија: AP

Во романот, кој има силна автобиографска компонента, 51-годишната писателка Катрин Шмит раскажува приказна за една жена која по мозочен удар се буди од кома и полека се враќа во нормалниот живот.

Повторно освојување на светот

Готфрид Хонефелдер, претставник на Берзанското здржение на германските книжарници, кое петта година по ред ја доделува Германската книжевна награда, годинешната одлука на здружението ја образложи на следниов начин:

Deutschland Literatur Schriftstellerin Katrin Schmidt
Катрин ШмитФотографија: ullstein bild - Schleyer

„Романот на Катрин Шмит ’Нема да умреш’ раскажува приказна за повторното освојување на светот. Збор по збор, реченица по реченица, по загубениот говор и загубеното паметење. Понекогаш лаконски, понекогаш потресно, а понекогаш со црн хумор, романот го претставува внатрешниот свет на болната жена.“

Презадоволна од наградата

Катрин Шмит која е родена и образувана во поранешната Германска Демократска Република и самата беше изненадена од признанието. Таа не беше меѓу фаворитите за годинешната Германска книжевна награда која традиционално се доделува ден пред официјалното отворање на Франкфуртскиот саем на книгата.

„Јас всушност многу се радував и за самата номинација. Тоа всушност за мене веќе беше се’. Сега многу се надевам за наградата затоа што може да ми даде финансиска безгрижност, каква што не ми е позната досега.“

Германската книжевна награда е дотирана со 25.000 евра.

Автор: СН/ТТ/ард/дв

Редактор: Александра Трајковска