1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надежта за Тибет лежи во демократизацијата на Кина

Матијас фон Хајн / З. Јордановски10 март 2009

Тибетскот конфликт тлее половина век, решение нема ни по 50 години од задушувањето на востанието на Тибетанците. Нивниот врховен водач, Далај Лама, ужива големи симпатии во светот, но времето како да работи за Пекинг.

https://p.dw.com/p/H9FA
Март 1959: тибетските бунтовници им се предадоа на кинеските трупи,востанието беше крваво задушеноФотографија: ullstein bild

Тежината е нерамномерно распределена - на една страна 5 милиони Тибетанци, на другата 1,3 милијарди Кинези. Ваму маргинализирано малцинство во едно наводно автономно подрачје, таму светска сила во подем со право на вето во Советот за безбедност. Третата стопанска сила во светот, која располага со најголеми девизни резерви на планетава, е посакуван партнер токму во време на економска криза - сеедно како изгледа нејзиниот биланс на полето на човековите права.

Дијалогот на Пекинг со Тибетанците што живеат во бегалство се чини дека е алиби-манифестација. Далај Лама во секоја пригода повторува дека се стреми само кон автономија во рамките на кинеската државна заедница, но кинеските медиуми и властите го бележат како расколник, сепаратист и предавник.


Знаци на надеж - променетата свест за Тибет кај се’ поголем дел од Кинезите

Indien Tibet Dalai Lama in Dharmsala zum 50 Jahrestag Besatzung von China
Далај ЛамаФотографија: AP


Пекинг очигледно игра на биолошко решение на проблемот. Далај Лама има преку 70 години и нема да живее вечно. Но, ако Пекинг не разговара со него, си ускратува важна шанса, оти овој Далај Лама е незаменлива интегративна фигура. Способноста да ги обврзе и радикалните сили на Тибетанците во егзил на својата линија на ненасилство, на својот „среден пат“, тој ја докажа минатата есен.

Но, на Далај Лама му треба адекватен партнер во Пекинг. А таму, на чело на државата во моментов е Ху Ѓинтао, познат токму по непопустливиот став кон Тибет. Кога во 1989 година имаше демонстрации во тибетскиот главен град Ласа по повод 30-годишнината од востанието, Ху беше шеф на партијата во Тибет. Тој воведе воено право и ги пушти војниците крваво да ги задушат протестите.

Но, има и знаци на надеж. Тогаш, пред 20 години, во Кина не се слушна ни еден единствен глас против угнетувањето на Тибетанците. Сосем поинаку беше лани, кога армијата ги задуши протестите за поголема автономија на Тибет. Кинески интелектуалци во отворени писма се заложија за правата на Тибетанците, кинески адвокати се понудија да ги бранат пред суд уапсените демонстранти.


Тибетанците - заложници на прогресот на Кина

Indien Tibet China Dalai Lama
Дарамсала (Индија), 10 март 2009: Далај Лама (десно) им отпоздравува на своите следбенициФотографија: AP


Кај многумина Кинези започнува да се менува сликата за Тибет, особено кај средниот сталеж, кој токму се развива и во меѓувреме опфаќа околу 200 милиони луѓе. Порано Тибет кај Кинезите будеше асоцијации на сиромаштија и нечистотија; сега за многумина е поим за драматична природа во првобитна состојба и за духовно богатство. Со оглед на душевната празнина во Кина, некои дури се пронајдоа себе си во тибетскиот будизам.

Тибетанците станаа заложници на драматичниот напредок во Кина и на напредокот во однос на правната држава. Правата што ги бараат Далај Лама и Тибетанците одамна се ставени на хартијата која трпи се’. Правата на малцинствата се на примерен начин решени во уставот - само што тоа не се спроведува, а нема ни каде да се поднесе приговор, оти нема ни уставен суд. Надежта за Тибет лежи исклучиво во демократизацијата на Кина.