1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надеж во готовноста за компромиси

Нада Штајнман16 април 2008

Македонија не треба да се откаже, од НАТО и ЕУ ја делат само чекори, оценува во интервју за Дојче Веле Гинтер Глосер, државен секретар во германското министерство за надворешни работи, задолжен за европски прашања

https://p.dw.com/p/Diq4
Гинтер ГлосерФотографија: picture-alliance/ dpa

Господине Глосер, Германскиот претседател Хорст Келер е деновиве во посета на Хрватска и Македонија. Каков сигнал очекувате да испрати неговата посета за овие две земји, но индиректно и за останатите земји од регионот?

Глосер: Германскиот претседател секако ќе испрати одреден знак до регионот, кој се наоѓа во Европа, но големи делови од него уште не се наоѓаат во ЕУ. Тоа е регион кој се одликува со немири и затоа е и во наш интерес, на членките на ЕУ, таму да владеат стабилни односи, да владее мир. Наш интерес е исто така населението да има удел во придобивките од економскиот развој. Сметам дека посетата на претседателот Келер ќе биде силно охрабрување за задржување на курсот кон ЕУ.

Германскиот претседател радо разговара со младите луѓе, ќе стане збор за олеснување на визниот режим со ЕУ, бидејќи младите во Македонија се чувствуваат притеснето, а не како слободни граѓани на Европа. Што ќе им каже претседателот Келер на младите Македонци во врска со случајот на НАТО самитот во Букурешт? Како ќе им објасни дека Македонија постојано ја фалат за добро извршени задачи, но сепак на крајот добила лоша оценка?

Глосер: Јас не можам да знам што точно претседателот ќе каже во Македонија, но знам дека тој е исто многу ангажиран во европскиот проект и дека врз основа на неговите претходни искуства добро знае колку е важно да се спроведуваат реформите, да се побараат и жртви од сопственото население. Сметам дека тој врз основа на досегашните европски искуства ќе порача дека нема враќање назад, туку само напред, при што мораат да помогнат сите делови на општеството, се' едно дали станува збор за млади или стари, за синдикати или работодавачи, влада или партии.

Сметам дека доколку Македонија продолжи по патот и Европската комисија заклучи дека е постигнат напредок по определените теми, ќе дојде и посакуваниот сигнал за почнување преговори за прием.

Македонија во Букурешт не доби покана за членство во НАТО, иако тоа не беше ни одбивање. Што се случува сега во Македонија и како се чувствуваат членките на ЕУ, кои беа присутни на самитот на Алијансата?

Глосер: Ние секако можеме да го разбереме разочарувањето на Македонците, но кусо потоа мора да се вратат кон дневната политичка агенда. Можноста за добивање покана за Алијансата е и понатаму отворена, не е затворена во никој случај ни перспективата на Македонија за ЕУ. Секако на самитот во Букурешт рековме дека двете страни мора да најдат решение за спорот околу името. За обете важи дека треба да го свртат погледот напред. А германската влада смета дека малку недостасуваше, посебно со оглед на преговорите што се водеа и претходно. Затоа вложуваме големи надежи во готовноста на компромис кај обете влади.

Македонија ја нарекувате одличен ученик, таа ги исполни условите, така гласеше оцената и во Букурешт. Велите дека е отворена и европската перспектива за Македонија. Сепак сето важи само под услов да се постигне компромис. За Македонците меѓутоа името е тесно поврзано со нивниот национален идентитет. Имаат ли разбирање членките на ЕУ за прашањето на идентитетот на Македонците?

Глосер: Многумина Европејци, кои се членови во ЕУ, водеа преговори како во Скопје, така и во Берлин или другите главни градови на европските држави, вклучувајќи ја и Атина. Секоја страна во спорот има поткрепени аргументи за инсистирање на сопствената позиција. Но, токму тоа е разликата во однос на многуте ситуации од минатото, каде можеме да кажеме дека проблемот е идентификуван и сега треба да се најде решение што е свртено напред, кон целта, и дека недостасуваат можеби еден или два чекора за таа да се постигне.

Имало и други спорови меѓу две земји во Унијата, каде обете биле јасно определени за надминување на проблемот затоа што со тоа се отворала вратата кон следен, важен чекор.

Спомнавте термин што Македонија би можела да го добие за прием. Но, доколку некоја земја стави вето, тогаш како да се мотивираат Македонците за нови реформи? Има ли разбирање во ЕУ за тоа во каква незавидна ситуација се наоѓа сега Македонија?

Глосер:Нема термин за прием, бидејќи постапката предвидува прво да се стане кандидат за прием, потоа доаѓа одлуката за почеток на преговори за прием и доколку оцената на Европската комисија за напредокот на Македонија наесен биде позитивна, тогаш Европскиот совет ќе реши кој е следниот чекор, на пример почнуваат преговори за прием. За сето тоа е потребно време.

Токму тоа време додека нема одлука на Советот треба да се искористи за да се реши спорот околу името. Јас разбирам дека има разочарување, но тоа не треба да се сфати како затворање на вратите на одредено време или за секогаш. Како за НАТО, така и за ЕУ е јасно дека кога ќе се реши тој проблем вратите се и понатаму отворени. Унијата на овој план во ниту еден момент не направила чекор назад: перспективата за прием на земјите од Западниот Балкан е отворена и секоја земја ќе биде оценувана според нејзините индивидуални постигнувања.

Македонија е мултиетничка држава и е во непосредна близина на Косово. Во врска со Косово беше донесена невообичаена одлука, така што сега на Балканот имаме две држави на Албанците. Албанците и во Македонија имаат проблеми со нивниот идентитет. Што мислите, дали одговорните од земјите на ЕУ беа свесни за она што се случи во Букурешт на самитот на НАТО?

Глосер: Сметам дека тие се свесни за тоа. И германската канцеларка исто рече дека не станува збор за отфрлање, туку напротив дека вратата на НАТО стои отворена за Македонија, треба уште да се минат соодветните чекори. Мислам дека ЕУ ги научи лекциите од пропустите во минатото, посебно што се однесува до Западниот Балкан. Затоа и ја нагласи јасно перспективата за прием во Унијата на овие земји, како на самитот во Солун, така и минатата година. Значи перспективата не е изгубена или сокриена, туку е присутна и отворена. На тоа посочив и при минатогодишните разговори што ги водев во Скопје, дека кога ќе се постигне напредок во одделните подрачја, како борбата против корупцијата, против организираниот криминал, кога ќе се исполнат и реформите во насока на правна држава, тогаш Комисијата ќе го вреднува тоа позитивно и со тоа ќе даде позитивен знак за Европскиот Совет.

ЕУ често зборува за знаци, сигнали. Во овој случај сега една европска држава упати многу јасен знак и тоа од позиција на моќ. Не постои ли некаков инструмент во ЕУ, со чија помош ќе се протурка позитивна, напредна одлука, наместо да се кочат процесите?

Глосер: Јас веќе спомнав дека кога има некоја тема што претставува проблем за две страни, тогаш таа треба да се идентификува, но не и да се закорави за век и веков, туку треба да се најде решение. Ние во Европа токму извлековме консеквенции од тоа и се договоривме да направиме заеднички проект.

Затоа сакаме да им кажеме на нашите грчки колеги, дека чекорот што уште требаше да се направи во спорот со Македонија ќе беше всушност мал чекор во споредба со состојбата пред неколку години. Кога Грција е ионака голем вложувач во Македонија, кога со неа има толку силни економски врски, што е и нормално за соседни држави, тогаш сметам дека би требало сега да се најде некое решение, по потреба и со помош од ОН.

Иако живеам подалеку од Македонија и Грција, јас сум оптимист дека во интерес на целта што е зацртана, сепак ќе се најде решение, бидејќи тоа е во интерес и на Грција, на која и’ треба стабилност во регионот.