1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над илјада повредени во метеорскиот дожд над Русија

БГ/афп15 февруари 2013

Видео снимки на аматери покажуваат спектaкуларни светлечки траги на небото - на Урал падна метеорски дожд. Има голем број повредени. Денеска (15.02), пак, покрај Земјата ќе помине астероид.

https://p.dw.com/p/17f0H
Фотографија: picture-alliance/dpa

И покрај тоа што, за среќа, метеорскиот дожд падна во регион кој е слабо населен, бројот на повредени е огромен. Руските власти зборуваат за околу 950 повредени. Телевизиите емитуваат снимки од вжарени линии на небото и луѓе кои бегаат. Според московското Mинистерство за цивилна заштита, најголемиот дел од жртвите се погодени од парчиња стакло. Делови од метеоритот паднале во куќи и во фабрика и ги уништиле покривите и прозорците. Метеорски остатоци погодија и едно училиште во Челјабинска област.

Научниците проценуваат дека ова е најголемиот инцидент од овој тип во поновата човекова историја.

„Не можам да се сетам дека било кој друг инцидент во човековата историја предизвикан од тело од вселената довел до толку голем број повредени“, вели Роберт Маси, заменик директор на Британското астрономско друштво. Многу е ретко да има човечки жртви при пад на метеорит, дополнува Маси.

Штети се констатирани во најмалку шест градови во регионот кој e на околу 1.500 киломeтри оддалеченост од Москва. Нуклeарните постројки во провинцијата не се погодени, пренесуваат агенциите. Засилени полициски патроли се грижат за редот во регионот. Се преземаат мерки да не се оштети имотот во зградите каде има искршени прозорски стакла.

Meteoriten-Einschlag in Chelyabinsk Russland
Погодена зграда во регионот на ЧелјабинскФотографија: picture-alliance/dpa

Астероид, многу поголем од еден метеорит, денеска треба да мине покрај Земјата и тоа толку блиску, како ниедно друго небесно тело со такви димензии во досегашната историја. Сепак, и покрај близината од само 28.000 километри, астероидот нема да се судри со Земјата. Според податоци на НАСА, во моментов се познати над 1.300 „потенцијално опасни „астероиди“, чии орбити минуваат недалеку од Земјата. Штом се доближат до планетата, тие ја менуваат својата траекторија, привлечени од гравитацијата.