1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намалениот рејтинг - значаен, но не и драматичен сигнал

Костадин Делимитов 28 мај 2013

Намалениот кредитен рејтинг на Македонија според експертите е сигнал што треба сериозно да се земе во предвид. Сепак според дел од нив, тоа нема да предизвика посериозни проблеми врз општиот економски амбиент.

https://p.dw.com/p/18fEe
Фотографија: picture-alliance/abaca

Намалениот кредитен рејтинг на Македонија од страна на агенцијата „Стандард и пурс“ може, но и не мора да предизвика нешто драматично во однос на економскиот амбиент на земјата. Експертите се поделени околу нивото на евентуалните проблеми како последица на објавата на „Стандард и пурс“ дека кредитниот рејтинг на Македонија е намален од „ББ“ на „ББ-“.

Поранешниот министер за финансии Трајко Славески за Дојче веле коментира дека намалениот кредитен рејтинг е значаен сигнал за инвеститорите што би сакале да вложуваат во државните хартии од вредност. Тоа според него влијае на цената на долгот, меѓутоа не е и пресуден фактор. Агенциите како „Стандард и пурс“, „Фич“ и „Мудис“ со кои Македонија соработува се соочија со разнишан кредибилитет посебно по ситуацијата со должничките кризи во САД и состојбите со ЕУ, така што по ова тие станаа повоздржани, попретпазливи и построги во своите оценки, вели Славески.

„Кредитниот рејтинг е еден од факторите што влијаат на задолжувањето. Тој е значаен но не и пресуден. Теоретски е можно и со ваков кредитен рејтинг Македонија да се задолжи под поволни услови, доколку општата клима кај инвеститорите е поволна, состојбата на пазарите е позитивна и слично, тогаш тоа може да се очекува. На пример Македонија лани имаше повисок кредитен рејтинг, но иако се обиде не успеа да обезбеди поволни услови за еврообврзницата поради полошата општа состојба на пазарите. Сега ситуацијата е малку подобрена така што теоретски може да се очекува дури и поевтино задолжување“, коментира Славески.

За разлика од него, поранешниот Гувернер на Народната банка Петар Гошев смета дека пораката е загрижувачка. Оценката на „Стандард и пурс“ според него е сигнал дека економските перформанси се влошени и негативно гледаат на состојбите, односно очекуваат ризици.

Mazedonien Land und Leute
Петар ГошевФотографија: DW/Stojanovski

„Станува збор за агенции чии оценки се од исклучително значење и тие се пренесуваат на финансиските пазари. Инвеститорите едноставно добиваат сигнал за претпазливост во деловните односи со земјите, во случајов со Македонија. Ќе ја зголемат каматата при доделувањето на кредитите, односно може да се зголемат трошоците за позајмени средства. И тоа е она на што повеќепати предупредував со лошото задолжување и алоцирањето на тие средства и ефектите од нив. Мислам дека Владата сега треба да престане со политиката на јавни финансии што ја поткопува стабилноста“, смета Гошев.

Какво било намалување на кредитниот рејтинг за една држава дава сигнали за креаторите на националната економија дека треба да променат некои делови од макроекономската политика, а истовремено е и сигнал за претпазливост за заинтересираните странски инвеститори, смета Томе Неновски, поранешен вицегувернер на Народната банка.

Сепак според него, ситуацијата е далеку од алармантна: „Намалувањето на кредитниот рејтинг веројатно се должи на проблемите со кои се соочуваше македонската економија во 2012, кога поради неповолните влијанија од странство дојде до намалување на БДП за 0,3%, зголемување на буџетскиот дефицит за преку 3% и зголемено задолжување на државата кај банките за финансирање на тој дефицит. Од друга страна намалениот рејтинг не е одраз на остварувањата на македонската економија во првите пет месеци од годината кога дојде до одредено опоравување на економијата. Генерално може да се каже дека намалувањето на кредитниот рејтинг на Република Македонија не е драстично, силно загрижувачко или алармантно, туку е сигнализирачко и предупредувачко во смисла дека во одделни делови од националната економија треба да се дејствува внимателно и со поголема воздржаност или агресивност со цел надминување на посочените слабости од страна на 'Стандард и пурс', спречување на евентуално натамошно намалување на рејтингот и се разбира, постепено негово подобрување. Тоа би значело подобрување и на меѓународната позиционираност на земјата“, смета Неновски.

Skopje 2014 Gebäude der Regierung
Влада на Република МакедонијаФотографија: DW

Во извештајот „Стандард и пурс“ дава општа оценка дека според нивно мислење со почетокот на глобалната криза транспарентноста на македонските јавни финансии опаѓа, како и дека шансите за некаков позначаен економски раст се ослабени. Агенцијата забележува дека политичките институции имаат несоодветните контролни механизми, а заостанатите плаќања на Владата се предизвик за резултатите од фискалната политика. „Стандард и пурс“ очекува просечната годишна стапка на раст на БДП на Македонија од 2013-2015 да изнесува до два процента. Државниот долг до 2016 според очекувањата од сегашните 34, би се зголемил на 37% од БДП. Во однос на банкарскиот систем, Стандард и пурс смета дека тој е добро капитализиран.