1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намалениот рејтинг на шпанските банки шири нов страв

ЕМФ/ртр18 мај 2012

Американската рејтинг агенција „Мудис“ го намали рејтингот на 16 шпански банки, меѓу нив и добри, и со тоа предизвика повторно страв од нова ексалација на кризата.

https://p.dw.com/p/14xUI
Фотографија: dapd

Меѓу казнетите банки се и такви со добра позиција, каква што имаше на пример банката Сантандер, која е најголема во еврозоната. Можностите на владата за поддршка на одделни банки се влошија, опоменуваат надзорниците на бонитетот. Шпанија сега оди во офанзива - со помош на познати фирми на Вол Стрит владата има намера да ги проконтролира домашните банки и со тоа да ја поврати довербата на пазарите.

Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на извори во шпанската влада, тврди дека независна оценка би требало да даде Голдман Сакс. Освен тоа, како што се вели во финансиски кругови, американските фирми Блек Рок и Оливер Вајман треба да направат стрес тест на целата финансиска индустрија на земјата и потоа подетално да проконтролираат одредени банки. Вклучувањето на независни контролори би требало на пазарите да им донесе јасност за ризиците кои произлегуваат од билансите. Банките меѓу Билбао и Барселона, по пукањето на таканаречениот „балон“ со недвижнини, од 2008. година важат за проблематични.

Logo der Bank Santander
Сантандер е меѓу банките со намалување на рејтинготФотографија: AP

Намалувањето на рејтингот на шпанските банки предизвика пад на курсевите на берзите во Азија. Во минус отиде и индексот Дакс во Франкфурт. Во вторникот беше намален рејтингот и на 26 италијански банки. „Пазарите очигледно сигнализираат растечка скепса околу тоа дали Шпанија и Италија навистина можат и сакаат да го носат товарот долгови“, предупредува претседателот на германскиот Ифо-институт, Ханс-Вернер Зин. Тој укажува дека приватното и јавното задолжување во странство на Шпанија е поголемо отколку во Грција, Португалија, Ирска и Италија заедно.

Инвеститорите стравуваат дека кризата во банкарскиот сектор би можела да ескалира. Зашто рејтинг агенцијата го спушти палецот за Шпанија во многу неповолен момент - владата на премиерот Маријано Рахој пред само една недела донесе одлука за длабока реформа на банкарскиот сектор, која треба да донесе ослободување на земјата од преголемиот притисок под којшто се наоѓа на финансиските пазари.