1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намален кредитниот рејтинг на Словенија

ЕМФ/афп/дв13 февруари 2013

Рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“ го намали за еден стeпен кредитниот рејтинг на Словенија. Тој од „А“ е спуштен на „А минус“. Кризата во земјата би можела уште повеќе да се заостри.

https://p.dw.com/p/17dE3
Фотографија: picture-alliance/abaca

Одлуката на рејтинг агенцијата за намалување на кредитниот рејтинг на Словенија е донесена поради големиот товар долгови што го носи земјата, како и нестабилната политичка состојба, поради што е загрозен крусот на штедење на владата во Љубљана. Намалувањето на рејтингот за словенечката влада значи дека позајмувањето пари веднаш ќе се одвива во потешки услови, односно пари ќе се позајмуваат по повисоки камати. Тоа би можело да ја заостри кризата во земјата.

Словенија, исто како и Грција и Кипар, западна во криза поради лошата состојба на банкарскиот сектор. Освен тоа, земјата минува низ политичка криза. Петпартиската коалиција на премиерот Јанез Јанша се распадна поради обвинувањата за корупција против премиерот. Антикорупциската комисија во Словенија, имено, објави извештај во кој се наведува дека Јанша и градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, го кршеле Законот за сузбивање на корупцијата и интегритетот на државните функционери. Тие исто така на комисијата не и' ја пријавиле својата имотна состојба и состојбата на банкарските сметки. Јанша и Јанковиќ ги отфрлаат обвинувањата.