1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намерата е да се избегнат санкции, а не да се изречат

Катерина Блажевска26 април 2016

Политичките лидери „ќе решат“ дали евентуални санкции ќе станат крајна нужност, ако се откажат од дијалогот и мерките за излез од кризата, велат извори упатени во инструментите за санкции

https://p.dw.com/p/1IcZv
Фотографија: picture alliance/abaca/AA

Намерата е да се се избегнат санкции, а не да се изречат, велат за Дојче веле извори добро упатени во сетот инструменти што можат да бидат употребени од меѓународната заедница, доколку лидерите во Македонија не најдат сили да ги запрат процесите кои земјата ја оддалечуваат од внатрешна стабилност и владеење на правото. Според нив, ова е т.н „фаза на рано предупредување“, но ако ситуацијата галопира кон натамошно влошување, таа фаза може многу брзо да премине во друга, особено ако одговорните во земјата не преземат мерки за справување со причините кои кризата ја водат кон кулминација. Првиот чекор за тоа, без дилеми, е поништување на одлуката за аболиција донесена од страна на претседателот Иванов.

„Јазикот на дијалог, соработка и разбирање е главниот инструмент за кој се залага и на кој се потпира ЕУ. Инструментите за притисок се последното нешто што кој било во ЕУ го посакува. ЕУ очекува употребата на тој инструментариум да стане целосно непотребен, и да биде заменет со зрелост и одговорност на домашните лидери, со консензус за стандардите кои треба да ги достигне државата во унапредување на владеењето на правото, градењето функционални институции, демократија, слободни медиуми...Македонските граѓани тоа го бараат и тоа треба да го имаат“, велат нашите соговорници.

Потенцираат дека исклучиво политичките лидери во Македонија „ќе решат“ дали евентуални санкции ќе станат крајна нужност, со тоа што ќе покажат дали се подготвени да ги елиминираат причините за кризата и да се посветат на продуктивен дијалог.

Граѓаните да не ги трпат последиците

Во Македонија расте загриженоста поради можноста да бидат изречени меѓународни санкции, чии последици нема да ги почувствуваат само главните виновници за кризата, туку сите граѓани и земјата во целина. На таквата последица укажува и поранешниот амбасадор и професор, Денко Малески.

„Меѓународното право е рудиментарно право, кое се уште се раководи од начелото на колективна казна на народите, па така, последиците од секоја казна врз политичарите најмногу ќе ги почувствува народот на Македонија. Губењето на статусот кандидат за членство во ЕУ и санкциите треба да бидат последниот инструмент за вразумување на владејачката структура во Македонија. За преземање на такви чекори, Западот мора да направи добри подготовки, и безбедносни и економски. Македонија, имено, е многу кревка земја, па посилен политички или економски притисок би можел да ги влоши состојбите наместо да ги подобри“, укажува Малески.

Од Институтот за европска политика- Скопје (ЕПИ) сметаат дека сите евентуални мерки на Брисел треба да бидат насочени кон поединци кои придонесуваат за влошување на кризата, а не кон граѓаните и земјата, бидејќи само така може да се поттикнат прореформските сили во Македонија.

„Реално е и може да се очекува одземање на препораката за преговори. Но сметаме дека тоа е казнување на целата земја. И затоа бараме тие санкции да бидат спроведени кон лицата кои го прекршија Договорот од Пржино“, велат од ЕПИ.

И покрај навестувањата дека прв чекор може да биде одземањето на препораката за почеток на преговорите, дел од политиколозите сметаат дека ЕУ тешко би се одлучила на таков чекор. Не само што тоа би било преседан во европската практика, туку затоа што враќањето на процесот назад потоа би било многу тешко. Се надеваат дека препораката нема да биде одземена, туку на некој начин „замрзната“ или условена, како што тоа се случи минатата година. Но, се согласуваат и дека таквото попуштање не може да оди во недоглед.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
„Казната“ од ЕУ не смее да ги погоди граѓаните, велат аналитичаритеФотографија: DW/P. Stojanovski

Банкарскиот сектор е стабилен

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, запрашан за став околу најавените санкции од ЕУ, вчера изрази надеж дека такви евентуални мерки нема да се одразат на граѓаните и на земјата.

„Се надевам дека нашата земја нема да трпи поради поединци. Уште еднаш апелирам до пријателите од целата меѓународна заедница, вклучително и до ЕУ: Ако има санкции, нека има санкции за оние кои цел свет ги знае дека се виновни за она што ни се случува. Но, не за нашата Македонија. И онака е кревка. Замислете уште финансиите да бидат блокирани и другите средства кои доаѓаат како лесни кредити или грантови за граѓаните и државата. Немојте тоа да го правите“, порача Заев.

Експерти и институции кои се занимаваат со економски анализи, веќе предупредија дека мерки од страна на меѓународната заедница врз Македонија, од типот на трговски и финансиски санкции, блокада или уназадување на ЕУ интеграциите, ќе имаат погубни ефекти врз економијата и животот на сите граѓани. Главниот удар најпрво ќе биде нанесен врз инвестициска перцепција, а потоа по принципот на „домино-ефект“ последиците ќе се прошират врз сите сегменти. Неизвесноста и стравот може да предизвикаат повлекување на штедните влогови на граѓаните, што дополнително ќе ја влоши состојбата. Од банките стигнуваат уверувања дека банкарскиот сектор во Македонија е стабилен, што се докажало и во текот на повеќе домашни кризи, но и во времето на светската финансиска криза. Тие потенцираат дека штедните депозити се сигурни и апелираат да не се создава паника кај граѓаните преку неодговорни изјави, бидејќи на тој начин директно се работи „во корист на сопствената штета.“

Kombibild Politiker Mazedonien
Јазикот на дијалог е она на што се потпира ЕУ - четворицата партиски лидери

Клучот за излез е дома, а не надвор!

Во моментов сите процеси се блокирани. Нема дијалог меѓу партиите, претседателот Иванов молчи околу очекувањата да ја поништи аболицијата, а се шират шпекулации дека е скициран список за персонални санкции, на кој наводно, се имиња на 12 македонски политичари. За ваквите шпекулации засега нема ни потврда ни демант. Не е извесно дали молкот е затишје пред бура или мал одмор пред нова дипломатска акција, која треба да им помогне на домашните лидери да го најдат изгубениот компас. Малески се надева дека заканите за санкции нема да се остварат и дека лидерите повторно ќе седат на заедничка маса.

„На земјата не и е потребен внатрешен конфликт, туку мирна транзиција кон демократија и плурализам, а тој процес бара огромно трпение, како дома, така и надвор. Клучот за излез од кризата е дома, а не надвор. Затоа, се надевам дека се ќе остане на закана, и дека значително зголемениот притисок од страна на ЕУ и на САД врз домашните политички фактори за да произведат решение согласно со Извештајот на Прибе и Пржинскиот договор, овој пат ќе биде успешен. Чекорите би биле: засилен притисок за повлекување на аболицијата на Иванов, одложување на изборите овој пат беа датум, реактивирање на парламентот, создавање услови за непречено работење на СЈО, седнување на маса на политичките лидери и се одново. По можност така, се додека не научиме. Зашто власт се освојува, а демократија се учи“, дециден е Малески.

.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема