1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо влада, избори!

Себастијан Енгелбрехт27 октомври 2008

По пропаѓањето на коалиционите преговори во Израел, престедателката на владината партија Кадима, Ципи Ливни, побара предвремени избори. Според неа тие треба да се одржат што поскоро.

https://p.dw.com/p/FhWW
Ципи Ливни бара предвремени избориФотографија: AP

На Ципи Ливни не и успеа да формира влада. Претседателката на владеачката партија Кадима сака нови избори во земјата, откако пропаднаа коалиционите преговори со ултра ортодоксната партија, Шаас. Ливни изјави дека не сака да биде уценувана, без разлика дали тоа се однесува на мировната дипломатија или за буџетот, и затоа во нови избори ја гледа единствената можност да се изгради нова влада во земјата. „Другата алтернатива ќе беше да попуштам пред уцените на коалициониот партнер“, рече Ливни за израелскиот весник „Хаарец“. Таа додаде дека ги искористила сите можности за креирање нова влада.

Непремостливи разлики

Уште пред пет недели, претседателот Шимон Перес и го даде мандатот на Ливни. Но, уште пред истекот на законскиот рок, таа заврши со обидите да создаде нова коалиција. Последната понуда на партијата Шаас им ја даде уште во четвртокот. Им соопшти дека е подготвена да даде дополнителни 120 милиони евра за детски додаток, иако од Шаас бараа 200 милиони евра. Истовремено им даде и ултиматум: до недела(26.10.08), мора да се одлучат дали сакаат да бидат дел од коалицијата или не. Веќе во петокот дојде негативниот одговор. многу разлики меѓу двете партии имаше и околу темата Ерусалим. Додека Ливни сака во мировните преговори со Палестинците да преговара и за овој град, а според најавите е подготвена да им го отстапи арапскиот, источен дел од градот, за Шаас, Ерусалим е табу тема. Нивниот партиски шеф, министерот за индустрија Јишаи, опстојува на ставот дека Ерусалим мора да остане неподелен. Оваа тема беше причина и за пропаѓање на преговорите на Ливни со другата ултра - ортодоксна фракција во Кнесетот, Тора Јудентум.

Israel: Jerusalem
Статуст на Ерусалим, една од најспорните точкиФотографија: AP

Предвремени избори најверојатно догодина

Поради актуелната ситуација, наместо според планот да има избори во 2010, предвремените избори најверојатно ќе бидат закажани во февруари или март догодина. „Изборите мора да се одржат колку што е можно побрзо“, рече Ливни. Таа нагласи дека нема страв од гласањето. Политичарите од десно ориентираната Ликуд партија, ја обвинија Ливни дека пропаста на коалицините преговори се должи на нејзината политичка немоќ и неискуство. Медиумите пак во чекорот на Ливни препознаваат решителност и бестрашност.