1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо пари, нови услови за Грција

10 февруари 2012

Европските министри оценија дека Атина не отишла премногу далеку во исполнувањето на обврските и поставија нови барања до Грција, што треба да ги исполни за една недела, за да добие 130 милијарди евра помош.

https://p.dw.com/p/141Bt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Министрите од еврозоната и поставија услов на Грција до средината на следната недела да најде начин да заштеди дополнителни 325 милиони евра, кратењата да минат во поделениот парламент и да се даде писмена гаранција за спроведување на ветеното, откако ќе се формира новата влада по изборите во април. Информирањето дека грчките партии се согласиле на штедење, не помина во ЕУ.

„И покрај значајниот напредок постигнат минативе денови, се’ уште ги немаме на маса сите неопходни елементи за денеска да донесеме одлука. Прво, грчкиот парламент треба во недела да го одобри политичкиот пакет договорен меѓу Грција и Тројката. Второ, брзо да се идентификуваат дополнителни кратења во трошоците од 325 милиони евра во 2012-та, за да се осигура дека целниот дефицит е постигнат“, порача Жан Клод Јункер, претседател на „Еврогрупата“ и премиер на Луксмебург.

Eurogruppe EU Finanzminister Treffen Brüssel Juncker Rehn
Жан Клод Јункер и Оли РенФотографија: dapd

Нема пари без примена на обврските

Еврокомесарот Оли Рен рече дека Комисијата добила одобрување да осигура понатамошно ефективно надгледување на мерките и да ја зајакне техничката помош на терен во Атина.

„За втората грчка програма е потребна вистинска посветеност од грчките политички партии и е потребна посилна и поефективна имплементација“, порача еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен.

Шефот на „Еврогрупата“ Јункер е дециден дека нема да има нова исплата на пари за Грција, ако официјална Атина не се обврзе на спроведување на дадените ветувања. Дали Грција ги исполнила новите барања ќе се одлучува следната среда на состанокот на министрите од еврозоната.

„Нема исплата пред имплементацијата, бидејќи не можеме да живееме со систем во кој ветувањата се дадени и повторени и повторени, а во кој мерките за примена од време на време се премногу слаби. Затоа, ние инсистираме на вистинска примена“, нагласи Јункер.

Загриженост за француско-германскиот предлог

И холандскиот министер за финансии Јан Кес де Јахер укажа дека Грција има уште многу од домашната задача за кратење и дека многу мерки што планира да ги преземе треба да ги разјасни и направи. Функционери од Унијата ги информираа медиумите дека холандскиот министер смета дека Грција треба да одговори на 10 до 15 работи пред да и’ биде потпишан договорот за нова помош.

А, грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос за ваквиот исход денеска го обвини конзервативниот ривал Адонис Самарас, кој единствен не го потпишал текстот со преземените обврски.

Griechenland Protest Rentner Pensionäre
Денеска во Грција почнува нов генерален штрајкФотографија: picture-alliance/dpa

„Мораат да одлучат – ако сакаат Грција да остане во еврозоната, треба тоа јасно да го кажат. Ако не сакаат, исто така и тоа треба јасно да го кажат“, рече Венизелос.

Министрите на состанокот во Брисел биле сериозно загрижени и за планот на Франција и Германија да се натера Грција на посебна сметка да го отплаќа својот долг, бидејќи тоа би бил упад без преседан во фискалните работи на една суверена држава.

И додека грчкото раководство и европските функционери се обидуваат да најдат излез од кризата, синдикатите денеска и утре организираат 48 часовен штрајк против предложените мерки за излез од должничката криза.

Автор: Александар Методијев /ебс/ап/афп

Редактор: Борис Георгиевски