1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападите од Багдад и Кербала го носат "ракописот" на Ал Каеда?

3 март 2004
https://p.dw.com/p/AcPS
Теророт скапо го наплати својот крвав данок: најновиот официјален биланс на вчерашните напади во Багдад и Кербала изнесува 220 загинати и стотици повредени лица. Шиитските аџии на кулминацијата од празнувањето на Ашура беа цел на напад вчера и во Пакистан, при што во градот Квета се убиени најмалку 44 лица, а повеќе од 150 се повредени. Во безредијата што уследија потоа се запалени една сунитска џамија и многубројни продавници. Нападите наидоа на меѓународна осуда, а во нив експерти го препознаваат ракописот на Ал Каеда.

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан ги осуди крвавите напади во Ирак и ги повика Ирачаните да не се обесхрабруваат, да се погрижат за помирување и за изнаоѓање политички консензус. Осуда на нападите искажаа и британскиот премиер Тони Блер и јорданскиот крал Абдула по нивната средба во Лондон. САД нагласија дека со предавањето на власта на Ирачаните ќе им биде одземена сета поддршка на екстремистите. Претставниците на шиитите и на сунитите во владиниот совет во Багдад подвлекоа дека ирачкиот народ нема да дозволи да биде вовлечен во граѓанска војна. Ирачкиот владин совет прогласи тридневна жалост и за в петок е одложено за денеска предвиденото потпишување на привремениот устав.
Според ирачки и американски наводи, се претпоставува дека зад нападите стои јорданскиот екстремист Абу Мусав ал-Заркави, близок до терористичката мрежа Ал Каеда, за кого е распишана потерница со награда од 10 милиони долари. И Фолкер Пертес, експерт за Блискиот исток од фондацијата "Наука и политика" од Берлин проценува дека зад нападите може да се крие Ал Каеда: "Дали Ал Каеда самата, или кон неа придружени сили, во крајна линија е се' едно. Но, ракописот укажува на тоа дека се во прашање сили кои се барем многу, многу блиски до идеологијата на Ал Каеда или на Осама бин Ладен и неговите ортаци" - рече Пертес.
Во меѓувреме американскиот претседател Џорџ Буш ја предупреди сопствената јавност од можност од нови терористички напади во Соединетите Американски Држави. "Животот во Америка на многу начини се врати во нормална состојба - и тоа е позитивно. Тоа значи дека ние си ја вршиме работата. Но, животот нема никогаш навистина да се врати во нормала се' додека непријателот се крие в сенка, а има за цел да уништува и убива. Непријателите се ранети, но не и скршени. Тие се' уште имаат надежи повторно да ја нападнат Америка. Тоа е реалноста со која живееме" - рече Буш во говорот на предизборната манифестација пред соработниците на Министерството за заштита на татковината.