1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападот во Бостон ја промени Америка

Коментар: Миодраг Сориќ/Превод: Жана Ацеска20 април 2013

Кој прави вакви нешта, поставува бомби за време на маратон? Кој сака на ваков свиреп начин да убива или тешко да рани луѓе? За ваков бесмислен терор нема никакво оправдување, смета во коментарот Миодраг Сориќ.

https://p.dw.com/p/18Jq3
Фотографија: reuters

Двајцата осомничени злосторници се очигледно исламисти: Тамерлан Царнаев, кој вчера (19.04) загина во престрелка со полицијата и неговиот помал брат Џохар, кого полицијата го уапси подоцна. Двајцата, кои според досегашните сознанија потекнуваат од Чеченија, сигурно доживеале стравотии во нивната поранешна татковина: војна, насилство, па потоа бегство во САД, а со тоа и шанса за нов почеток. Но, тие очигледно никогаш не пристигнале вистински во отвореното, западно општество. Токму спротивно. Тие ја искористија слободата која им ја пинуди Америка, за да го извршат ова грозоморно дело.

Miodrag Soric Studio Washington
Миодраг СоричФотографија: DW

Нападот во Бостон ја промени Америка. Зашто, луѓето со право се прашуваат што треба да се направи за во иднина да се спречи вакво нешто. Тоа што извршителите беа толку брзо пронајдени, се должи на фактот што улиците во големите градови се набљудувани со камери. Бројот на камери, кои го регистрираат јавниот живот во САД, ќе расте и натаму. Во идентификацијата на чеченските браќа беше важно и тоа што речиси секој во САД поседува смартфон. Токму фотографиите направени од приватни лица со нивните мобилни телефони и потоа проследени до полицијата, го доведоа ФБИ на трагата на терористите. Без оваа помош од граѓаните на безбедносните служби сигурно ќе им беше потешко да стигнат до извршителите.

Ова искуство ги сензибилизираше Американците. Очигледно, нивниот ангажман, нивната будност е исклучително важна кога се работи за јавната безбедност. Во меѓувреме, граѓаните прифаќаат поопсежни ограничувања на слободата. Нешто што беше незамисливо пред нападите од 11 септември 2001 година.

Но, засега граѓаните на Бостон и Ватертаун се задоволни што едниот од терористите е уапсен, а едниот е мртов. Среде ноќ тие излегоа на улиците за да го искажат задоволството. Барем во овој момент тие ќе го заборават баналното сознание дека во едно отворено општество не може да постои целосна безбедност.