1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камерон се самоизолира

Нина Хазе/Б. Георгиевски29 ноември 2013

Британскиот премиер Камерон сака да го ограничи пристапот до пазарот на трудот за имигрантите во ЕУ. Од Брисел му одговараат со остри критки. Со кампањата против Бугарите и Романците, Камерон ги нарушува принципите на ЕУ

https://p.dw.com/p/1AQSK
Фотографија: Reuters

Ласло Андор не е познат во Брисел како избувлив човек. Но интервјуто на европскиот комесар за труд и социјална политика за Би-Би-Си дадено неделава беше на границата на експлозија. „Едностраните акции и едностраната реторика, особено во ова време, не помага никому. Велика Британија ризикува да биде презентирана како лоша земја во ЕУ. Тоа не го сакаме. Мораме заеднички да ја согледаме состојбата и доколку постојат реални проблеми да реагираме колективно“.

За незадоволството на комесарот, повторно се погрижи британскиот премиер Дејвид Камерон. Тој побара ограничување на слободата на движењето на работниците во Унијата и отворено се закани дека ќе ја укине социјалната помош за имигрантите кои доаѓаат од други земји на ЕУ и ќе ги депортира оние кои не сакаат да работат. „Кога луѓето не доаѓаат тука за да работат, кога питаат или спијат под отворено небо, ќе бидат исфрлени“, порача Камерон. Предупредувањето на Камерон особено се однесува на Романците и Бугарите кои од 1. јануари 2014 година ќе добијат можност активно да учествуваат на европскиот пазар на труд.

Според политичкиот аналитичар Алекс Лазарович од бриселскиот тинк-тенк ЕПЦ, тоа ќе биде во спротивност со актуелните европски закони. „Според законите на ЕУ тоа ја преминува црвената линија“. Во рамките на ЕУ, слободното движење некому може да се ограничи само поради постоење сериозни причини, на пример, сторени тешки кривични дела.

Основата идеја на слободното движење е токму во тоа сите граѓани на ЕУ (со одредени ограничувања) да можат насекаде да се движат како во своја земја. За новите земји-членки постои преоден период. За Романија и Бугарија, седумгодишното ограничување истекува во јануари.

Großbritannien UKIP Archiv 24.11.2011
Протести на анти-ЕУ партијата УКИП во БританијаФотографија: Carl Court/AFP/GettyImages

Британија е осамена во барањата

Со своите изјави Камерон нападна една од основните слободи во рамките на ЕУ, без која од слободниот пазар нема да остане многу. Токму затоа наиде на остра реакција од Брисел. „Слободното движење на граѓаните на Европа е фундаментално право, кое Комисијата ќе го брани“, порача комесарката за внатрешна политика Сесилија Малмстром.

„За слободното движење нема преговарање“, дополни комесарката за правда Вивиен Рединг. „Ако Велика Британија сака да го напушти заедничкиот европски пазар, треба јасно да каже. Во спротивно, и за нив важи слободното движење. Не можете да го имате и едното и другото, господине Камерон“, порача Рединг.

ЕУ сега детално ќе ги разгледува забелешките на британската влада. Камерон најави дека напролет ќе побара нови преговори за правото на слободно движење и пристап на пазарот на трудот. Шансите за успех му се мали, смета британскиот политиколог Лазарович. Евентуалната промена на актуелните закони ќе значат ограничување за сите граѓани на ЕУ, а не само за Романците и Бугарите. „Мислам дека нема друга земја-членка на ЕУ која размислува слично. Мислам дека ова пред сѐ е наменето за неговата домашна публика“, вели Лазарович.

И Лиз Колет од организацијата „Миграциска политика Европа“ смета дека Камерон веќе влегол во предизборна кампања. Камерон говори за „монументални грешки на претходната влада која дозволила масовна миграција“. Како тоа да и‘ било наметнато на Британија, и покрај тоа што сите релевантни студии покажуваат дека земјата всушност енормно профитирала од слободата на движењето, вели Колет.

Негативен наратив

„Станува збор за комбинација на засилената кампања на евроскептичната УКИП партија, улогата на медиумите во Британија и традиционалната мешавина од евроскептицизам и страв од имиграцијата, која е секогаш конјунктурна во Британија“, вели Колет.

Symbolbild Armutsmigration Europa
Фотографија: imago/epd

Камерон сака да остави впечаток на важен играч, додава Лазарович. „Многу од нештата за кои тој бара забрана и онака не се дозволени во ЕУ. Тој најавува остра линија, и покрај тоа што на ниво на ЕУ е регулирано дека доселениците од други земји на ЕУ кои не успеале да обезбедат работа немаат пристап до социјалниот систем“.

Камерон, сепак, не е единствениот европски политичар кој во изминатиот период имаше забелешки на растечкиот број т.н. „социјални мигранти“ од истокот на Европа. Министрите за внатрешни работи на Германија, Велика Британија, Холандија и Австрија, на почетокот на годинава со писмо реагираа на растечките злоупотреби на социјалниот систем. Но и покрај тврдењата за големи измами, досега ниту една од овие земји не понуди докази за такво нешто.