1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напнато исчекување на „Ајзак“

ЖА/дв/дпа/ртре28 август 2012

Тропската бура „Ајзак“ добива на сила, повеќе од очекуваното. Силниот ураган би можел да го погоди Њу Орлеанс. Американскиот претседател Барак Обама превентивно прогласи вонредна состојба.

https://p.dw.com/p/15y9T
Фотографија: AP

Со одлуката на американскиот Претседател сојузната помош може да потече кон Луизијана уште во подготовките за дочек на бурата. Претходно Барак Обама се консултираше со гувернерите на сојузните држави од Јужниот брег - Луизијана, Мисисипи, Алабама и Флорида. Метеоролозите предвидуваат дека „Ајзак“ најдоцна утре рано наутро по локално време ќе се развие во ураган од прва категорија.

Бурата и натаму оди во правец на Луизијана со метрополата Њу Орлеанс. Таму се очекува како ураган од втора категорија до среда наутро, точно седум години откако градот го опустоши „Катрина“. 80 проценти од Њу Орлеанс тогаш беа поплавени, а загинаа 1.800 луѓе. Државните служби предупредуваат да не се потценува „Ајзак“, иако ураганот „Катрина“ при налетот на 29. август 2005. година беше значително посилен. Луѓето во непосредно погодените региони треба да се засолнат.

Tropensturm Isaac Satellitenbild
Сателитска снимка на тропската бура „Ајзак“Фотографија: Reuters

Бранови до три метри и поплави се очекуваат посебно во источниот дел на Јужното крајбрежје. Силниот ветар и обилниот дожд можат да доведат до прекин на електричната струја.

Експертите очекуваат невремето да трае долго, зашто „Ајзак“ се движи релативно бавно.

Подготовките за справување со бурата течат со полна пареа. На сигурно се префрлени работниците од нафтените платформи во Мексиканскиот залив, евакуирани се населбите на брегот, а најголем дел од аеродромите во загрозените области е затворен. Населението се снабдува со храна, а бензинот во Њу Орлеанс во многу бензински станици е веќе расродаден.