1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напнат мир под Кале

19 февруари 2011

Тврдината Кале е опкружена од сите видови на полициски специјалци, со борбени и предупредувачки возила, со целосна опрема и контрола на сите пристапни патишта кон спорниот музејски објект, што беше повод за судири.

https://p.dw.com/p/10KUT
Овој пат изостанаа сцени како од минатиот викендФотографија: Petr Stojanovski

Фановите на ракометот и фудбалот денеска сепак се откажаа од собирање на скопската тврдина Кале, најавувајќи заминување на попладневниот ракометен натпревар по стандардните маршрути низ градот до подножјето на тврдината, каде што се наоѓа малата спортска сала. Специјалците ќе го обезбедуваат и овој меч и особено по него градските улици, не препуштајќи ништо на случајноста. Загриженоста се однесува на евентуален контакт на притаени повоинствени групи на млади Албанци и Македонци.

Говор на омраза на интернет

Речиси една недела, преку социјалната мрежа Фејсбук се водеше вистинска меѓуетничка вербална војна со вокабулар на расистички и навредливи пораки препознатливи од воениот конфликт во 2001 година. МВР интервенираше и беше затворена една од Фејсбук платформите со 15 илјади комуникатори, кои бараа мотив за нова пресметка на верска и етничка основа. Невладината организација „Разбуди се“, кој ги предводеше Албанците на тепачката минатата недела, се откажа од контра собир за оваа недела, повикувајќи на смирување на страстите. Македонските фанови исто така покажаа разбирање за повиците да не се иницираат нови инциденти.

Mazedonien Skopje Widerstand Kirchenbau
Фотографија: Petr Stojanovski

“Не би рекла дека минатонеделните случувањеа на скопско Кале се изненадување. Погледајте ги меѓунавивачките страсти и навредите на спортските мечеви и ќе видите дека сеуште владе нетолерантност, но не би рекла дека тоа е масовна општествена појава. Сепак семејствата и заедницата мора да ги мотивираат младите кон толерантно заедништво на различности, зашто нема да успее македонскиот модел на мултикултурализам, ако учениците или не се образуваат во тој стил или од дома ги донесат тензиите, социјални, општествени, етнички“, рече во мини-интервју за ДВ, универзитетскиот професор и психолог Ана Фрицгент.

Тест за соживотот

Минатонеделниот крвав викенд во Скопје, оваа седмица се претвори во реален тест за меѓуетничките односи, функционирањето на владината коалиција и на релациите меѓу верските заедници. МПЦ побара смирување, а ИВЗ ја осуди изграбата на таинствениот објект, што во јавноста беше третиран како црква-музеј.

Mazedonien Skopje Widerstand Kirchenbau
Фотографија: Petr Stojanovski

Загрижувачки е потатокот дека само за еден месец се случиле 13 тепачки меѓу учениците, дека тешко се повредени еден средношколец и еден учител.

“Спроведуваме разновидни програми кои треба да им предочат на младите дека треба да се толерираат и да ги уважуваат етничките и другите различности. Има поединечни инциденти, но тие се надвор од училишниот двор“ ни изјави Соња Ристовска, директор на еден од скопските средношколски центри во кој заедно учат Македонци и Албанци, но сепак секој на својот мајчин јазик.

Посебен ангажман покажа министерската тројка Јанкуловска, Адеми и Тодоров, кои активностите во јавноста ги завршија во петокот со учество на училишен час, каде ги проследија пораките од експертите како да се спречат конфликтите во една мултиетничка средина.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Горан Чутаноски