1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народен супермаркет

5 август 2010

Во Лондон е отворен првиот „народен супермаркет“. Со него, на потрошувачите им се нуди сосема нов концепт на купување по најповолни цени. Зошто е толку посебен и како функционира?

https://p.dw.com/p/OalA
Народниот супермаркет во Лондон

Точно е 7:30 изутрина. За Том, студент по музика, започна првата смена. Да се наместат полиците, да се сортира зеленчукот, да се подготви сирењето: за сево ова тој не добива ни пара, бидејќи е еден од 230-те членови на „People's Supermarket“ (Народен супермаркет) кој сака да направи револуција во малопродажбата на производи за секојдневна употреба.

„Живеам во близина и како и останатите членови не сакам моите пари да отидат во големите супермаркети, коишто им даваат огромни плати на своите менаџери, а за производителите на продуктите кои ги купувам одвојуваат сосем малку.“

Софистициран концепт и ниски цени

Metro Future Store
Супермаркетите денес од земјоделците купуваат по многу ниски цени, а продаваат по многу високиФотографија: AP

Народниот супермаркет, како политички така и економски, не е нова идеја. Еве како функционира: за годишна членарина од 30 евра и четири часа работа во супермаркетот неделно, секој добива по 10% попуст на - и без тоа - поволните продукти. Некои основни прехранбени производи, како лебот и доматите, се субвенционираат дополнително, со што се продаваат речиси за половина цена. Праведноста е од особена важност во овој супермаркет. На пример, синџирот на супермаркети „Теско“, кој е и лидер на пазарот, за килограм компири на земјоделците им плаќа 4 пени, а ги продава за 75.

„Тоа е криминал! На истиот земјоделец ние му плаќаме 16 пени по килограм; го продаваме за 55 пени и пак имаме заработка. Прашање е каде оди оној профит од 70 пени на Теско? Не оди ни кај земјоделците, ниту кај вработените во супермаркетот, а најмалку, пак, кај потрошувачите. Како очекувате со ова да се подобри светот?“

Вработени волонтери - проблеми со сериозноста

Кејт има 20-годишно искуство во малопродажбата, но денеска мораше малку да подразмисли: многу од членовите не го сфаќаат сериозно работното време во супермаркетот. Денес недостига дури половина од волонтерите.

Lebensmittel Preise in Deutschland
Фотографија: DW

„Во едно вообичаено претпријатие можам да го предупредам дека ќе ја изгуби работата ако не доаѓа на работа. Овде не е така. Напротив, постојано мораме да ги мотивираме луѓето за да доаѓаат на работа.“

Благодарение на многу донации и воодушевени муштерии, претпријатието досега речиси и да не брои загуби.

„Убаво е што секогаш имаат свежо овошје и зеленчук. Фантастично, навистина ми се допаѓа концептот.“

„Ова нешто сосема поинакво. Луѓето се љубезни и секогаш подготвени да помогнат. Убаво социјално искуство.“

За наредната година е планирано бизнисот да се прошири и да се отворат три нови народни супермаркети во Лондон. Затоа, Кејт уште отсега бара инвеститори, зашто банките не се покажаа заинтересирани - дури и за еден вака мал проект каков што е народниот супермаркет, банкарите велат дека е премногу ризичен.

Автор: Герхард Елферс / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска