1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народната музика - извозен адут

28 јануари 2010

МИДЕМ во Кан е најголем саем на музичката индустрија во светот на кој и годинава се претстави Македонија. Музичката индустрија во земјата во промоцијата во странство гледа една излезна врата од наталожените проблеми.

https://p.dw.com/p/LiyA
Фотографија: picture alliance / landov

За разлика од своите соседи од просторите на поранешна Југославија, Македонија и на годинешниот МИДЕМ беше претставена со свој штанд. За потребите на презентацијата беше изработен луксузен каталог на кој се застапени сите македонски издавачи, институции и фестивали и едно компилациско ЦД на кое е претставено извозно ориентираниот звук „мејд ин Маседониа“. Менаџерот на музичко-издавачката куќа „Трето уво“ Иво Јанковски вели дека го радува тоа што Македонија и покрај економската состојба во која се наоѓа е држава која партиципираше на МИДЕМ со свој официјален павиљон, за разлика од останатите држави во регионот. На саемот Кан не беа присутни Србија, Хрватска, Словенија Бугарија Романија, Грција.

„Значи мене истовремено ми е чудно и ме радува што Македонија и покрај сите тешкотии успева со години да опстане како држава која рамо до рамо со останатите светски музички сили се бори за свое место на пазарот и за своја презентација“.

Автентичен музички јазик

Преку штандот на МИДЕМ треба да се постигне што подобра промоција на македонската музичка индустрија. Иако како што вели Јанковски во комерцијален смисол на овој саем тоа било навистина тешко затоа што поради актуелната економска криза 90 проценти од учесниците на саемот продавале, а не купувале.

Midem 2010, Ivo Jankoski aus Mazedonien
Иво ЈанковскиФотографија: DW

Времињата се тешки, но тоа не значи е и невозможно да се продаде. За македонската музика сепак имаше голем број заинтересирани од сите краишта на светот, почнувајќи од Австралија, Нов Зеланд, а и претставници на речиси сите европски држави дојдоа на македонскиот штанд и зедоа од пропагандниот материјал“.

И покрај последиците на кризата која ја погоди и музичката бранша, на МИДЕМ и оваа година беа присутни „големите играчи“ како Сони, Јуниверзал, Ворнер. Што може да понуди Македонија на еден ваков саем на музичките велесили и по што би можела да им биде занимлива на партнерите? Јанковски вели дека како прво, Македонија е пред се’ интересна како егзотична дестинација каде што биле многу мал број од луѓето присутни на саемот.

midem 2010, macedonia
Македонскиот штанд на МИДЕМ 2010Фотографија: N. Jakovljevic

„ Од музички аспект мислам дека македонската народна музика е најинтересна, на затоа што другите жанрови не се квалитетни туку едноставно затоа што тој тип на музика е оригинален, автентичен и единствен во светот. Македонските непарни ритмови, македонската традиција низ векови успеала да создаде еден свој автентичен музички јазик кој и по квалитет и по содржина се разликува од се’ останато во светот“.

Midem 2010, Macedonia
Фотографија: N. Jakovljevic

Како да се вади профит од музиката

Болна точка на повеќето земји од Западен Балкан, па така и на Македонија е проблемот со авторските права. Ситуацијата во Македонија во последните години се поправа, вели Јанковски додавајќи дека сепак има уште многу работа:

„Одредени правила, закони и санкции почнуваат да функционираат и веќе добар дел од музичката индустрија почнува да оди во правец на некаков цивилизиран и правно регулиран тек, од што би можело да произлезе оваа професија да стане и профитабилна. “

Менаџерот на „Трето уво“ сепак укажува на фактот дека се’ уште поголемиот дел од македонските артисти живеат на работ на егзистенција зашто пазарот за возврат не им враќа ништо. Музиката денес е бесплатна на интернет, бесплатна на телевизија бесплатна на радио, вели Јанковски.

„Значи сите можни медиуми кои ги покриваат музичарите ним не им плаќаат ништо. Станува збор само за некаква афирмација и популарност и евентуално остануваат живите настапи како единствениот начин да се преживее, значи концертите кои не можат да се пиратираат“

Во поправањето на ваквата состојба секако помага и учеството на манифестации како што е МИДЕМ. Јанковски е задоволен од годинешната македонска презентација на саемот пред се’ поради бројните средби и воспоставени контакти за кои се надева дека ќе донесат резултат:

„Кога ќе се вратиме сите во своите канцеларии повторно ќе продолжат тие комуникации и верувам дека од нив ќе произлезе посериозен проект на некој од македонските музички изведувачи или издавачи со некоја од големите странски компании“, вели Јанковски.

Автор: Небојша Јаковљевиќ/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска