1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народните умотворби- показ за македонскиот идентитет

Свето Тоевски3 јули 2012

Фолклористот Марко Китевски во изминатите години објави серија книги посветени на македонските народни умотворби. Тој вели дека голем број умотворби се останати во странските архиви

https://p.dw.com/p/15QGv
Фотографија: privat

“Народните песни се показаљка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. В них увековечвит животот му“.

Овие зборови на знаменитите браќа Константин и Димитар Миладинови, запишани во „Предговорот“ на нивниот „Зборник на народни песни“, можат да се кажат и за сите други видови умотворби, содржани во 10-томната едиција „Македонски народни умотворби“ на истакнатиот фолклорист Марко Китевски од Скопје. За неговото дело „Преданија, легенди и говорни народни умотворби“ – книги 9 и 10 од споменатата едиција Китевски доби неодамна државна награда „Гоце Делчев“ за особени постигања во науката.

Десеттомна антологија со творби од народната духовна култура

Тој вели:

„Во изминатите пет години ја објавував таа веќе заокружена антологија со околу 3.500 страници, со најубавото, според мојот избор, што македонскиот народ го создал во изминатите векови: 1800 народни песни, околу 530 приказни и голем број пословици, гатанки, клетви, благослови, брзозборки, броеници, детски фолклор...  Во последните книги 9 и 10 се објавени околу 250 преданија и легенди од сите краишта на етничка Македонија, значи, и од Пиринска и Егејска Македонија. Сето тоа е народна култура, дел од народниот живот, сето тоа е душата на еден народ. Македонскиот народ низ вековите создал прекрасни творби и од материјалната и од духовната култура – нешто со што тој може да се пофали денес пред светот.“

Во изминатите децении со активностите на институтите за фолклор и за македонски јазик и други државни и научно-истражувачки институции се зачувани поголем дел од народните умотворби. Но, Китевски напоменува:

„Никогаш не е доволно она што е собрано и забележано. Можеме да жалиме бидејќи селата ни испустуваат, оти во дел од нив веќе нема луѓе, бидејќи и тие што се во нив останати се на возраст над 80 години, а ретко има помлади луѓе, кои знаат за народните творби. Фолклорот пропаѓа, останаа незапишани поголем број такви умотворби, тие отидоа во заборав.“

Во 2005 година пензионираниот средношколски професор по македонски јазик од Лешок, Тетовско, Борис Момировски раководеше со проектот за забележување и прибирање умотворби „Младите и усните преданија од Лешок и соседните села“.

Момировски предупредува:

Logo Macedonina timeless
Фотографија: DW

„Успеавме да собереме многу незапишани и непознати умотворби. Идентитетот на македонскиот народ се зачувува во неговото усно творештво. Тоа не смее да пропадне во заборав, бидејќи со тоа ќе направиме голема грешка, која ќе биде платена можеби со некои непредвидливи национални загуби.“

„Македонските умотворби да се приберат од странските архиви “

Пред две години беше реализиран и проектот „Вратничко-полошките говори – духовна ризница“ на Институтот за македонски јазик, заради истражување и прибележување на дијалектните особености на овие тетовски говори, но и на приказните, песните и преданијата, генерациски пренесувани.

Дипломираниот македонист Дарко Томовски од Тетово вели:

„Луѓето со кои работев се покажаа како одлични информатори. Раскажуваа многу добро и сликовито за нивните обичаи, слави и празници, за нивните песни и умотворби од нивниот крај, пренесувани од колено на колено.“

Китевски посочува дека има уште многу работа за македонската фолклористика:

„Нашите интелектуалци и учители во 19-иот век, или во првата половина на 20-тиот век, кога не сме имале своја држава, морале македонските народни умотворби да ги праќаат заради објавување во Софија, Белград, Москва, Цариград. Во тамошните архиви се останати голем број такви умотворби и задача на нашата фолклористика е да ги пронаоѓа и да ги објавува. Но, за тоа се потребни пари, кои ги има се помалку ...“

Marko Kitevski Uni Skopje Mazedonien
Д-р Марко КитевскиФотографија: privat

Тој се осврнува на уште една неопходност:

„Македонските народни умотворби навистина можат да се носат со најубавите примери од светската книжевност. На естетски план тие се на исто рамниште со најубавата светска литература. Кога би биле преведени на странските јазици и кога би биле пласирани во светот, нашата народна култура би добила многу во својата афирмација. Тоа е доволен материјал да ја докажуваме нашата национална самобитност.“

Народните умотворби се слика на животот  и опстојот на македонскиот народ низ вековите. Таа слика треба да се зачува од бледнеење и заборав и да им се предаде на идните генерации на тој народ, како уште еден неспорен доказ за неговото постоење пред светот.