1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилството не е решение

Бетина Маркс/ Александра Трајквоска 16 ноември 2012

На границата кон Појасот Газа Израелците и Палестинците повторно започнаа борби. Сe будат сеќавањата од војната пред четири години. Тогаш како и денес е потребно сеопфатно политичко решение, смета Бетина Маркс.

https://p.dw.com/p/16kND

„Ниедна држава во светот нема да дозволи, нејзиниот сосед да ја нападне со ракети и гранати“ - со оваа реченица Израел го правда последниот напад во Појасот Газа. И кој сака да противречи на оваа реченица? Прва обврска на секоја држава е да ги штити своите граѓани. Не може да се прифати, луѓето на југот на Израел веќе 12 години постојано, и честопати во долги периоди, да бидат изложени на напади од Појасот Газа, децата цели денови да мора да минуваат во бункери, јавниот живот да биде парализиран.

Но, ова не важи само за Израел. Ова важи и за жителите на Појасот Газа, за 1,7 милиони луѓе кои живеат на многу тесен простор во ограничениот крајбрежен регион. И тие имаат право на безбедност, на добросостојба, на слобода и на развој. Но, за ваквите природни и основни права Палестинците во Газа може само да сонуваат.

Живот во заробеништво

Од 1991 година, значи повеќе од 20 години, тие живеат заградени како во голем заробенички логор. Тогаш, уште пред почетокот на мировниот процес од Осло, Израел започна драстично да ја ограничува слободата на движењето на Палестинците во Газа и на Западниот брег. По почетокот на мировните преговори на средината на 90-тите Појасот Газа беше заграден со ограда, по што само работниците со дозвола смееа да го напуштат крајбрежниот регион во правец на Израел. Во последните години се’ повеќе се стеснуваше обрачот околу Газа. По изборната победа на Хамас владее речиси целосна блокада.

За големото мнозинство на населението во Газа - 60 проценти се под 20 години - ова значи дека досега никогаш не го напуштиле Појасот Газа. Тие се родени во еден затвор и се’ уште немале контакт со светот. Тие немаат иднина и надеж. Истовремено нивните животни услови во пренаселената област се се’ покритични. Експертите на ОН предвидуваат, дека за 10 години Појасот Газа веќе нема да може да биде населен.

Повторување на војната во Газа

Но, сето ова Израел и меѓународната заедница едноставно го игнорираат. Решавањето на блискоисточниот конфликт веќе со години не е на политичката агенда. Појасот Газа вреди само за израелската изборна кампања - исто како пред четири години, кога израелската операција „Излеано олово“ неколку недели пред израелските избори однесе 1.400 палестински жртви. И овојпат израелската армија повторно провоцираше непријателство - со убиството на едено момче кое играше фудбал на 8. ноември во Кан Јунис. Следуваа ракетни напади врз Израел и одмазнички воздушни напади.

За министерот за одбрана Ехуд Барак, чија партија се бори за политичко преживување, ова би можело да значи повторно влегување во парламентот. Проблемот на Појасот Газа не го решава новата рунда насилство. Исто така и на израелските цивили, кои веќе 12 години страдаат од стрелбите од Појасот Газа не носи безбедност.

Само сеопфатен политички процес може да го реши конфликтот. Предуслов меѓутоа е не само да се признае барањето на Израелците за мир, туку и правото на Палестинците за безбедност, слобода и самоопределување.